Опасна и необезбедена делницата Скопје-Табановце

Автопатот од Скопје до Табановце и обратно е лошо обележан, необезбеден и во ноќните часови опасен за возење. И покрај тоа што двете насоки од автопатот се реконструираат интензивно од април годинава, секој што возел на овие делници, посебно во ноќните часови, се соочил со невозможни ситуации да ја погоди вистинската лента за возење, бидејќи патоказите се недоречени, неосветлени и нејасни.

avt4 avto5

Вечерва, повеќе возачи се соочија со ситуација да возат по погрешна коловозна лента пред Миладиновци кон Скопје, затоа што стрелката не беше насочена кон вистинскиот дел од автопатот. По околу 500 метри колоната возила наиде на пречка која покажуваше дека не може натаму, па мораа да се протнуваат меѓу патните граничници за да продолжат кон вистинската насока.

Кога наидовме на работници кои ја завршуваа денешната работа и им укажавме дека стрелката покажува погрешен дел од автопатот, тие рекоа дека знаат и дека ќе одат да ја преместат.

Автопатот Скопје-Табановце во двете насоки, кој пред реконструкцијата подолг период беше во очајна состојба, треба да биде целосно готов кон средината на идната година.