Опасни игри со верските чувства во ОУ ,,Братство и Единство“ во Охрид

Седум децении долгата традиција на толеранција и заеднички живот во мултиетничкото училиште Братство и Единство во Охрид, кое пет години по ред се прогласува за модел на соживот во Македонија, е пред сериозен тест по недоразбирањата со мајка која побарала нејзините две деца кои учат во 8 и 9 одделение да посетуваат настава на турски јазик со превез на лицето. Таквото барање е одбиено бидејќи е спротивно на законот, но и на статутутот и кодексот на училиштето, каде се сомневаат дека случајот има политичка позадина.

– Законот член 11, член 172/Б алинеа 1,2,3,4 во кој децидно е укажано дека секој додека е во училиштето да не носи верско обележје, но за жал тука е вмешана политиката заради локалните избори. – вели директорот Муамер Доко, кој смета дека некој опасно си поигрува со исклучително чувствителна тема.

 


Муамер Доко

Случајот го следи Народниот правобранител од каде во контактите со училиштето истакнале дека треба да бидат почитувани правата на детето согласно меѓународните конвенции и Уставот, односно непречено да се овозможи стекнување на основно образование на децата. Од училиштето велат дека никогаш до сега не се соочиле со ваков проблем и бараат надлежните институции најитно да се произнесат за случајот и да им дадат конкретни насоки, за да се спречи тој да добие друга конотација, што може да предизвика сериозни последици во колективот,каде  зад затворени врати се одржаа вонредни состаноци на наставничкиот колегиум и училишниот одбор.

-Стапивме во контакт со МОН но добивме само одговор дека директорот е должен да ја организира наставата и да ја почитува конвенцијата за заштита на децата, ние тоа го правиме и ќе го правиме се додека не се усогласи законот со Уставот. – додава Доко.

 

 

Од училиштето апелираат до родителите да останат смирени додека не се надминат настанатите недоразбирања, за да не се наруши соживотот во ОУ ,,Братство и Единство“ каде настава следат 1001 ученик од 6 етнички заедници на македонски, турски и албански јазик.

 

Преземено од  OhridNews