Опозициската ВМРО ДПМНЕ

 

Македонија влегува во нов политички процес и историски период од своето постоење. Нема сомнение дека 11 годишното неприкосновено владеење на Никола Груевски и на ВМРО ДПМНЕ под негова палка, се ближи кон својот крај. Овој период од поновата историја на македонската независна држава е еден од најинтензивните и најтурбулентните. По независноста од СФРЈ во 1991, воената криза во 2001, груевизмот е период кој ќе биде веројатно најмногу проучуван од историчарите , но и општествено-социолошките истражувачи кои се занимаваат со проучување на патологија на духот и на моралот.

Иако уште не е извесна докрај детронизацијата на Груевски, процесот е неминовен, па макар тој не се случил токму сега и веднаш. Но, освен олеснувањето што го почуствуваа многумина по соопштувањето на веста дека се договориле за ново мнозинство без ДПМНЕ, и на моменти неконтролираната еуфорија, уште веднаш и сега мора да имаме на ум дека не е готово, туку допрва почнува.

ВМРО ДПМНЕ  е незгоден политички играч не само кога е на власт, туку и во опозиција. Тие работат војнички, строго партизирано и централизирано и во оваа партија, во било која ситуација, власт или опозиција, нема простор за демократски провејувања. Уште помалку, јавни несогласувања или дискусии по социјални мрежи дали треба вака или онака. Во ВМРО ДПМНЕ устројството е строго контролирано и таму владее железна партиска дисциплина. Се разбира, на моменти таа попушта, но само кога ќе се здрма лидерската позиција. Во други ситуации, нема шанса некој да му се спротистави на лидерот.

Дали сега тоа ќе се случи со Никола Груевски, останува да се види, но факт е дека штом тој ќе ги изгуби полугите на власт од свои раце, како што се управување со сите државни институции-полиција,судство,финансии, и послушноста ќе спласне. Нема веќе со што да ги уценува административците, да им се заканува со отпуштање, или да поткупува, да заплашува, да казнува бизнисмени, медиуми и слично.

Но, исто така губењето на моќта значи и губење на контрола во судството, што е од исклучителна важност за расчистување на сомнежите за криминал во ВМРО ДПМНЕ, кои ги има во изобилство. И не само таму.

Во вакви услови, очекувано е и непосредното опкружување на двоецот Груевски-Мијалков да се обиде да фати џаде, некои да се притајат, некои ако може да фатат приклучок со условно кажано, победниците.

Малку е очекувано дека ќе дојде до осипување на пратеничката група , веројатно во блиска иднина на опозициската ВМРО ДПМНЕ, но не е неочекувано помалите коалициски партнери, кои нели секогаш се во власта, да почнат да праќаат ишарети кон другата страна.

Во секој случај, ни претстои  еден тежок и неизвесен период на опоравување на општеството од долгата рака на ВМРО ДПМНЕ.

Сите се изморени веќе од неизвесноста и одолговлекување на политичката криза. Процесите што следуваат ќе бидат исто така долготрајни и болни. Да се извлече послушноста и зависноста од партијата кај луѓето, ниту ќе биде лесно, ниту едноставно. Уште покомлицирано и поважно е како тоа ќе се направи. Затоа што не смееме да се доведеме во ситуација незадоволството и поделбите , да ги замениме со исти такви чувства или методи. На крајот на краиштата, сакале или не, пак сите треба да продолжиме да живееме тука, на ова парче земја. Освен оние што ќе решат среќата да си ја бараат низ светот. А тие за жал, се се побројни. Ако продолжиме во стилот на претходните, процесот на иселување нема да сопре. Напротив.

Значи, ни претстои процес, прво на дегруевизација, потоа на департизација и декриминализација на општеството.

Единствено каде што не смее да има компромис, тоа е правдата. Секој што заслужил, мора да одговара и пред јавноста и пред судството, за кое исто така не смее да има милост. Заедно со медиумите, овие две полуги од општеството, судството како трета власт, медиумите како седма сила, мора да се потпираат на чесни, високо морални, професионални и квалитетни кадри. И тука нема пардон.

Ако паднеме на овој испит, тогаш сме биле склони на паѓање.

 

ЕМИЛИЈА ЛАЗАРЕВСКА