Општина Аеродром го продолжува блиското партнерство со Самсоненко

Градоначалникот Ивица Коневски во име на општина Аеродром го отстапи земјиштето во близина на Паркот на езерата и хотел Русија на сопственикот на хотелот Сергеј Самсоненко за изградба на нови тениски терени.  Тој веќе е во партнерство со општината преку изградабата на спортската сала ,,Јане Сандански”, потоа тениските терени во склоп на комлексот, а за негови потреби се изгради посебна сервисна улица. Самсоненко ја финансира и изградбата на Руска црква во непосредна близина на овој комплекс.

Според одредбите на претходниот Договор за партнерство помеѓу Општината и рускиот инвеститор, Самсоненко ќе стопанисува со комплексот 35 години, односно до 2049 година. Локалната самоуправа го ослободи инвеститорот од трошоците за комуналии, но и од плаќање на атрактивното градежно земјиште.

Изградбата на спортскиот центар „Јане Сандански“ почна на 11 март 2013 година,  десетина дена пред првиот круг на локалните избори – 24 март 2013 година. На поставувањето на камен-темелник присуствуваа тогашниот премиер  Никола Груевски,  градоначалниците на Скопје и Општина Аеродром, Коце Трајановски и Ивица Коневски, како и рускиот инвеститор Сергеј Самсоненко.

Инаку, Општина Аеродром во експресен рок ја спроведе целокупната процедура по објавувањето на огласот, со кој бараше инвеститор за изградба на нов спортски комплекс „Јане Сандански“ по пат на јавно – приватно партнерство. На четврти јануари 2013 година  беше потпишан Договорот  со новоформираната компанија „Спортски центар Јане Сандански“, на која ѝ  беше доверена изградбата на објектот, чија вредност првично беше проценета на околу 8 милиони евра.

За последното јавно-приватно партнерство од општина Аеродром известија дека во присуство на министерот за финансии, Кирил Миноски, денеска, 27.12.2016година, во Кабинетот на градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, беше објавено дека е потпишан Договор за изградба на Тениски центар покрај кејот на реката Вардар, преку јавно приватно партнерство со фирмата што победи на тендерот, „Тенис парк“. Но, нема детали каква е финансиската конструкција кој со што и колку вложува и учествува и под кои услови.

Како што претходно беше најавено, станува збор за изградба на модерен тениски спортски центар со четири тениски терени на тврда и четири на земјена подлога, со современи материјали, како и со други компатибилни содржини, меѓу кои игротека, супермаркет и кафе-бар.

Новите тениски терени треба да се изградат според високи меѓународни стандарди, за да можат да се користат за организирање државни и меѓународни професионални натпревари.

Со изградбата на новите тениски игралишта ќе се облагороди уште едно запуштено катче покрај Вардар, а истовремено ќе се подобрат условите за одржување спортски настани. Со тоа се очекува да се зголемат спортските активнoсти во Општината, која е позната по спортскиот дух што се негува во неа.

Тенискиот центар ќе им овозможи на граѓаните не само да следат квалитетни тениски натпревари, туку и да спортуваат и да се рекреираат во нив.

За таа цел, приватниот партнер се обврза бесплатно да организира два тениски турнири годишно АЕРОДРОМ ОПЕН за сите ученици во основните училишта на територијата на Општина Аеродром, но и да овозможи за граѓаните бесплатно користење на еден тениски терен.

„Нашата посветеност во развојот на спортот има за цел да создадеме услови младите да спортуваат и да станат здрави носители на нашата иднина“, изјави градоначалникот Коневски.

Инаку, изградбата на нови тениски терени беше реална потреба во Општина Аеродром и се базира на неодамна изработената физибилити студија за изградба на тениски спортски центар, со оглед на фактот што тенисот во Општина Аеродром има долга традиција. Според оваа физибилити студија, инвестицијата ќе чини над 2 милиони евра.

АКО.мк атуелно-објективно