Општина Центар поднесе кривична против Владимир Панчевски

Општина Центар поднесе кривична пријава против претседателот на Основен суд Скопје 1 Владимир Панчевски и уште две лица, од кои едниот негов близок роднина, за вршење на градежни работи спротивни на основниот проект и дозвола добиени од општината.

Лицата В.П., С.П. и Е.Т.,се вели во соопштението од општината, во текот на месеците јули, август и септември, како соизвршители – инвеститори, надградиле два ката на постоечка зграда на ул, “Никола Вапцаров“ бр. 6 со вкупна бруто површина од 551,86 м2, за кои инспекциските служби утврдиле дека се дивоградба.

На 20.10.2016 година, овластениот градежен инспектор на општина Центар утврдил дека спротивно на проектот, кој дозволува само реконструкција и адаптација на објекти, инвеститорите подигнале надградба за која немале одобрение од општината. Општината два пати ги покани инвеститорите на средба, еднаш при надзорот со писмена покана и вториот пат на 20.10.2016 телефонски, на што инвеститорите не се одзваа.

Согласно законските прописи, општината достави барање за отстранување на третиот и четвртиот кат во рок од три дена. Со надградбата, осоминчените како соизвршители сториле кривично дело „бесправно градење“ според член 244а од Кривичниот Законик.

Минатата недела инвеститорите сами почнаа да ги отстрануваат дивоизградените катови, но дури откако општината склучи договор со фирма за присилно уривање. Инспекциските служби најавија дека ќе ја следат динамиката на отстранување на незаконската градба, а доколку не се постапи согласно издаденото решение , ќе бидат уранати од општината.