Синоќа во Национална галерија во објект Даут-пашин амам, беше отворена ретроспективната изложба ,,Петар Мазев-90 години раѓање“.

Организаторите проценуваат дека само вчера изложбата ја посетиле околу 3.000 посетители, што е извонреден успех уште на првиот ден од отворањето на изложбата.

За квлитетот на изложбата секако придонеле и главните помагачи таа да се подготви, но и да се отстапат делата на македонскиот ликовен уметник Петар Мазев, некои од нив досега  неизложени во јавноста.

д-р Дита Старова Ќерими, директор на Националната галерија на Македонија, рече дека на изложбата се изложени „дела кои на ликовната јавност и се малку или воопшто не и се познати, дела кои биле ретко или воопшто не биле изложувани“ и  им се заблагодари на Министерството за култура на Република Македонија за финансиската поддршка на овој проект, на Фондацијата „Илија Камчев“ за донацијата за успешната подготовка на јубилејната изложба, на сите институции и поединци кои учествуваа во подготовката на изложбата.

 

Д-р Старова Ќерими им врачи благодарници на г-дин Славко Мазев, син на големиот Петар Мазев и на  Орце Камчев, претседател на фондацијата „Илија Камчев“ за поддршката во реализацијата на изложбата. Орце Камчев имаше и свое обраќање пред присутните:

,,Фондацијата ,,Илија Камчев“ своите стремежи ги насочува кон помагање на уметноста во нашата заедница – културниот импулс, во негувањето и презентирањето на високите вредности што се создаваат во уметноста и културата на нашето време, со цел еден позитивен исчекор на уметничкиот и културен развој во Република Македонија. Неодоливата енергија во сликите на Мазев, како што велат врвни критичари и проследувачи со светски углед и авторитет, не води напред и ги потенцира врвовите на нашата култура, уметност, на нашиот израз. Тој е пример и поттик, сите ние да помогнеме и придонесеме во афирмацијата на македонската современа ликовна уметност во Македонија и во светот“-рече Камчев.

Фото:МИА