Османли: Не допуштајте Манастирот да стане Партиско упориште

Почитуван г. Недески,

почитувани членови на манастирското братство Ви благодарам за зборовите на уважување како и за зборовите на несогласување што ги приверувате во Вашето и во вашето ценето обраќање.

Позната ми е, како што велите, историјата на монаштвото и знам доста за подвигот на осамувањето и на тихувањето (εν το Θεό ησυχασμός). Моите интересирања во однос на православието, а сообено на христијанството воопшто, биле и долговремени и длабоки. И со текот на времето сѐ повклучителни (инклузивни). Оттука, исклучително ја ценам духовната и хуманитарна дејноста на Вашиот манастир особено во помошта што ја давате на страдалните луѓе зависници. Во човекољубивата добродетел престојува самиот Бог.

Според таа дејност Вашиот и вашиот манастир се одликува и од некои други манастири, а особено од децении присутниот недоличен живот на високо/свештениците на МПЦ и на нивниот растечки, речиси беспримерен материјализам, профитерство и обест, соодветни на среброљубието на инаку јавно прокламираната блискост на истакнатите раководители на донеодамна владејачката партија, во однос на која порано владејачките комунисти беа вистински испосници, страдални според нападите што денес ти трпат од овие среброљубиви високо/свештеници.

Пишувате за моите коментари за пушењето и за коментирањето за сметка на Ваши некогашни испосници пред туристи, дека во социјализмот манастирот бил пљачкосуван, а не запазуван. Беше запазуван и зачуван Почитуван (не оспорувам дека имало луѓе што пљачкосувале за своите долни интереси – моќници од службите во времињата на идеолошка исклучивост и антирелигиозност кои во Македонија и во Југославија брзо завршиле – но уверен сум дека она што системот би го собрал од нашите цркви и манастири тоа секако би се нашло в музеј, не во зградата на централниот или локалните комитети на Партијата, секако до колку не било продадено во странство што се случувало и подоцна и што се случува и денес); и токму во социјализмот – никогаш тоа не го заборавајте – беше затемелена автокефалната Македонска црква, почнувајќи од знаменитиот собир во Дебрца, до прогласувањето на црковната незавиност.

Знаете ли, патем, од кои фондови беше реализирна изградбата на Катедралниот храм Св. Климнет Охридски? Распрашајте се кај свештениците кои паметат подолго, ќе Ви дошепнат и тивко ќе ви кажат – иако треба на глас да се говори за социјализмот и за (обновата на) Македонската црква… Но, има нешто поважно на тема опрелестување. Знаете, Почитуван и Почитувани, што најтешко ја опрелестува монашката духовност? Тоа што и вие како Обител, вашиот Претстојник пред сѐ, најистакнато меѓу сите други манастирски братства и сестринства, допуштивте да станете идеолошко упориште за жал и орудие на партијата што беше на  власт.

Во одаите при влезниот дел на Манастирот, години со ред ги гледав знаците и сликите на една етнифилетистичка партија, и јас и многу други како мене кои сме универзалисти и во православната, а особено во хуманистичката определба, отворена и кон други нации, мирољубиви идеи и деноминации… Црквата и духовенството (треба да се, а за жал во вашиот обителски случај не беше така!) над политичките, над етничките, над било кои идеолошки припадности, тие како христијански (како што прокламира „Символот на врата“ ) се вклучителни („верувам во едната, света, соборна – καθολικήν, сеопшта – и апостолска Црква “) во однесувањето кон нациите и деноминациите, и тоа не е случајно! Оти, која е „политичката“ определба на Бога? Човекољубието или идологијата на вмро-дпмне (нека ми биде простено тука веќе неодминливото спомнувањето на конкретен политички субјект)?

Тоа го навредуваше – и тогаш кога членовите на Вашето братство гласно го манифестираа, и до колку сѐ уште постои – продолжува да го навредува секој православен, припадник на друг етницитет, на поинаква мирска, философска, граѓанска идеолошка и политичка определба. Не Ви се белки припадниците на Партијата поблиски од припадниците на целата мултикултурна и мултиетничка Паства? Според досегашното поведение на обителскиот првенец, но и на истакнати членови на Вашиот манастир, тоа е, за жал, така. Поради тоа, Почитуван г. Недески и Почитувани потписиници на писменото обраќање, Ве повикувам и ве повикувам (сите), да се закренете од секаква п о л и т и ч к а  п р е л е с т, во однос на која и темата на пушењето па дури и онаа, иако многу покрупна, за невистините низ кои етнофилетистите меѓу нашите високо/свештеници не престануваат да ги шират во однос на улогата на социјализмот во затемелувањето и одржувањето на МПЦ-АО, Светата Црква на сите православни верници во Македонија (не само на демохристијаните од македонски етнички идентитет) се помалку важни.

Јас сум сведок и на тие времиња, со сите нивни слабости, морални недоследости ,но и со сите доблести и постигања во животот на општеството и на Црквата… На тој начин, дистанцирајќи се од идеологизмите, и Вашата и вашата благородна и неспорна хуманитарна дејност и Вашите молитви и тихувањата (нема тихување кајшто се замешала политиката, зашто Бог бара медитативен и молитвен молк, додека таа бара пред сѐ гласно-говорници) ќе бидат повредни, вистински и од сите почитувани. Црквата и особено преподобното монаштво треба да зрачат со авторитет и во отпорот што го дава кон секој обид да бидат политички надвладувани и по правило злоупотребени, од било кого, од десно, како и од лево. Нејзиното место е во возвишениот етички, Божји Центар.

Со искрена, особена почит Томислав Османли, писател

Објаснување: Реакцијата на Томислав Османли е по повод две писма упатени во приватна порака до авторот, Османли, и  до Емилија Лазаревска, а во врска со пост на приватниот ФБ профил посветен на начинот на кој се забранува пушењето во манастирскиот комплекс и барањето да се покријат жените со платно(сукња) кога влегуваат во манастирот.

Својата реакција Томислав Османли ја испрати на ФБ профилот на Братството, а ние одлучивме да ја објавиме тука.

Ова е ФБ објавата што ги налути почитуваните од Братството во Бигорски манастир:

Pushaci citajte. Gospod gleda..

Image may contain: outdoor

Заради почитување на приватноста, објавуваме само мал дел  од реакцијата на Братството во Бигорски, за да се добие претстава за што точно станува збор:

(…ние имаме само три едноставни правила кои важат за сите посетители на манастирот, со цел покажување почит кон светињата: запазување на тишината, прописно облекување што прилега за во храм, непушење. Доколку некој не сака да се придржува до нив, слободно може да го одмине манастирот. Манастирите не се „религиски енклави“, туку, како што добро знаете, тие се создадени од монаси за монаси, да бидат места за тихување и молитва, а не места за народни веселби и убаво поминување. Ние сами одбравме да имаме манастир од отворен тип и да го примаме секој добронамерник, со цел никој да не биде изоставен од божјите дарови и утехата на Светиот Дух, иако можевме многу лесно да ги затвориме вратите и да примаме по строго одредена програма, како што многу други манастири работат. . .)

АКО.мк