Сулејман Османи, жител на Брест,  е осмиот осуденик со доживотна казна затвор за настаните во кумановската Дива Населба. Пресудата ја дочека со аплауз, но и со скрстени раце коишто го симболизираат црниот орел од албанското знаме.

Една година беше недостапен за полицијата, па против него се водеше посебна постапка.

Доживотната казна затвор му е изречена од Кривичен суд поради учество во вооружениот напад во Гошинце.

Според судот, доказите потврдиле дека обвинетиот ги сторил кривичните дела тероризам и терористичка организација. Судијата посочи дека јавноста ќе ги дознае доказите што произлегуваат од посебните истражни мерки, кои досега се чуваа во тајност, а со кои ќе бидат отргнати сите шпекулации за овој случај.

Османи при изрекувањето на пресудата аплаудираше во судската сала и извикуваше „да живее УЧК“. Неговиот адвокат смета дека немало докази за делото тероризам.

Претходно, судот на седуммина им изрече доживотен затвор, 13 обвинети добија по 40 години, други беа осудени со затворски казни од 12 до 20 години, а четворица беа ослободени од обвинението.

Фото:МТВ