Откорнато срцето на Државен архив

Внатрешноста на зградата на Државниот архив на Македонија , во која речиси 50 години се чуваше на најбезбеден и најсовремен начин архивската граѓа на историјата на македонската држава, се откорнува од своето тело .

Не помогнаа апелите на историчарите до политичарите да им ја остават оваа зграда која беше пуштена во употреба 1969 година. Со политичка одлука на владата на ВМРО ДПМНЕ-ДУИ, кога уште беше премиер Никола Груевски архивската граѓа се отстрани од неговата природна средина и се пресели во простории на новиот Археолошки музеј, дел од политичкиот проект Скопје 2014.

Сега, зградата на Државниот архив се корне од внатре и се прилагодува за нова намена – Јавно обвинителство- Одделение за организиран криминал.

arhiv5 arhiv

Не случајно историчарите не можат да се помират со откинувањето на државните архивски материјали од јадрото. Државниот архив е градба со посебно изолирани депоа со целосна инсталација за одржување на влажноста на документите, што е од исклучителна важност за зачувување на македонското национално богатство како што е документацијата за македонската држава.

arhiv6arhiv2

Документацијата се чува во хартиена форма, но и како микрофилмуван материјал со децении макотрпно истражуван од бројни еминентни научни и архивски работници.

Дополнително, архитектите предвиделе прекрасно светли канцеларии за вработените во Државниот архив на РМ бидејќи обработката на материјалите и нивното евидентирање е работа која бара остар вид, маски на лице за заштита од прашина и многу свеж воздух. И она што на истражувачите им е важно е одлично осмислената читална која беше полна со истражувачи, што е всушност и смислата на еден Државен архив.

Сега, историчарите – истражувачи во несоодветни услови, се обидуваат да ги користат архивските материјали. Дел од нив кои во континуитет гласно и жестоко негодуваа за оваа погубна одлука на владата, страхуваат дека историското благо собирано со векови, може да исчезне, или во најмала рака да се оштети заради неверојатната леснотија на уништување и некомпетенстност на тие што ги носат одлуките.