Откупот стопиран, врнежите го уништија родот

Деновиве меѓу лозарите проструи веста дека на 30 ти минатиот месец од страна на Основниот суд во Велес била запрена стечајната постапка за неготинскиот подрум, предложена од доверителот фирмата Дејон АС – Велимир увоз извоз ДОО Скопје, а средствата се деблокирани .

Но, откупот се одвива бавно,а сега е и целосно стопиран.

Од неготинската винарија, велат дека стечајната постапка, која сега е прекината, не е причина за моменталното стопирање на откупот. Додаваат дека, стечајна постапка може да побара секој доверител и дека не е потребно да се крева толкава прашина околу тоа.

-„Се работи за фирма кон која винаријата имаше мал заостанат долг,истиот е подмирен деновиве и затоа е повлечен предлогот за стечај“,-велат од Повардарие.

Како причина за стопирање на откупот се наведува огромните количини на грозје со кои располагаат. Од неготинскиот подрум велат дека до овој момент откупиле околу 24 милиони килограми грозје, што е далеку повеќе од планираното за оваа година.

-„Ние сме единствената винарија во државата која широко ги отвори вратите за откуп на повикот од Владата, додека останатите откупувачи игнорантски се однесоа кон тоа. Досега откупивме плус десет милиони килограми за кои се јави дополнителен проблем каде да ги сместиме. Застојот во откупот не значи и дека нема да биде земено грозјето што во моментов чека на прием. Бидејќи станува збор за капацитет за преработка кој е ограничен и мораме да го преработиме веќе собраниот род. Во моментов ни се на располагање цистерните во ТЕЦ Неготино каде ќе го сместуваме преработеното грозје а со тоа да обезбедиме простор за откуп на нови количини кои веќе чекаат пред капија“- посочија од Повардарие.

По привремениот застој од неколку дена, велат од Повардарие откупот најверојатно ќе продолжи за време на викендот.

Според последната владина мерка по два денара од килограм ќе добијат субвенција винарските визби кои ќе откупат грозје од сортата смедеревка, при што се очекува да бидат откупени преостанатите 30 милиони килограми грозје од оваа сорта.Право на субвенции имаат оние винарски визби кои се запишани во регистарот и кои ги подмириле финансиските обврски кон лозарите. За да добијат субвенции откупувачите, ќе треба да откупат најмалку 1,5 милиони килограми грозје смедеревка.

Според поранешната пратеничка Ленче Николовска главниот проблем е во нефункционалноста на министерството за земјоделство и негрижата на власта.

– „Не смее да се дозволи вакво понижување, согласно закон владата треба да ги санкционира оние винарии што не ви исплаќаат, да им се земе лиценцата и да овозможи сигурен откуп на грозјето“ – изјави Николовска.

Од сево ова останува отворено прашањето- Во ситуација кога имаме богата производствена година, а владата вели дека води толку многу грижа за лозарите зошто тогаш не го откупи вишокот грозје и на тој начин го реши проблемот на лозарите?

Годинашните проценки за родот се движеа до 180 милиони килограми грозје, а во моментов на нива за берба, чека грозјето од белите вински сорти смедеревка и станушина. Досега обрани се околу осумдесет проценти од грозјето, дел од количините беа откупени од трговците од Србија, Бугарија, Црна Гора, Босна и Херцеговина.

Билјана Н. Тошевски