Пазарната цена на пченицата проблематична заради одлука на претходната Влада

Претставници на откупувачите на пченица, членки на стопанските комори денеска во Министерството за земјоделство имаа средба со министерот Љупчо Николовски на која разговараа за откупната цена на пченицата.

– По средбата со земјоделците на која ги скениравме состојбите и ги слушнавме нивните мислења и ставови, денеска ќе се сретнеме и со откупувачите на пченица со цел да ги направиме сите потребни анализи и да бидеме подготвени за евентуални одлуки коишто треба да се донесат, изјави министерот Николовски пред средбата со мелничарите.

Тој притоа оцени дека одлуката на претходната влада да продаде пченица од стоковите резерви во пресрет на жетвата е погрешна и ќе има негативно влијание на пазарната цена на пченицата.

– Над 20.000 тони пченица во рамки на стоковите резерви во еден несреќен период се продадени по многу ниска цена. Тоа е направено со одлука на Влада, а за жал МЗШВ немало забелешки околу целиот овој процес, иако барањето било доставено до Министерството и одлуката на влада е донесена. Токму оваа продажба на над 20.000 тони пченица по цена меѓу 6-7 денари прави вистински проблем на пазарот со пченица, особено во периодот што следува. Сметам дека е погрешна одлука која што е донесена во погрешно време и која што придонесува за намалување на цената на пченицата во моментот, истакна Николовски.

Тој нагласи дека како Министерство ќе ги анализираат состојбите, со цел да излезат во пресрет на решавање на сите актуелни и акумулирани проблеми изминатите години кои сега доаѓаат до израз. Најави и можност за организирање заеднички состанок на производителите со откупувачите.

На новинарско прашање, министерот Николовски посочи дека во моментот не може да каже дали цената на пченицата ќе биде пониска. Тоа ќе се утврди, како што посочи, од средбите на кои ќе ги соберат сите факти и аргументи за да утврдат колку се планира да се откупи пченица од страна на млинарите оваа година.

Нагласи дека Законот за земјоделство и рурален развој овозможува мерка интервентен откуп на пченицата и нејзино складирање, но досега, рече, немаат добиено конкретно барање за тоа од Агрокомората. Тој најави дека веќе од понеделник ќе ги задолжи државните советници да ги направат сите подготовки за да бидат подготвени за имплементација на вакви мерки откако ќе се утврди дали има потреба за нив.

Младен Јанев, претставник од мелничката индустрија, изјави дека мелничарите се соочуваат со низа проблеми, а  вели, спорни се и измените во законите направени изминативе години со кои, како што посочува, се овозможува човек-фирма да се занимава со мелничко-преработувачка дејност, односно со увоз и продажба на брашно. Во однос на откупната цена се согласи со министерот дека на неа ќе влијае продажбата на пченица од стоковите резерви, која вели, лани била откупена за 14,7 денари, а сега продадена за 6,6 денари на, како што посочува, одредена група мелничари.

– Реално е дека откупот треба да се врши по пазарни цени согласно цените на берзите. Кога би се ставило ред на увозот и на готовите производи, односно на брашното кое доста влијае на цената на пченицата ќе се подобри цената на пченицата со некои реални субвенции коишто ги дава Министерството за земјоделство. Но, тие да не се даваат на закупците на земјата, туку на тој којшто ќе донесе готов производ со кантарна белешка, рече Јанев.

Министерот Николовски уште еднаш го повика АД „Водостопанство“ да ги внесе податоците за сите должници по основ на вода во системот на Министерството, односно на Платежната агенција, со цел да може да започне исплатата на субвенциите за тутунот. Парите, нагласи, се обезбедени во Буџетот, договорена е постапката со министерот за финансии, особено околу делот на исплатата на тутунарите.

Досега исплатени се вкупно 439 милиони денари за субвенции, а преостануваат уште 2,3 милијарди денари за кои треба да бидат изготвени решенија и да бидат исплатени. Сумата од 25 милиони евра треба да ги добијат тутунарите.