Партиите потпишаа за фер и демократски избори

Согласно одредбите на Изборниот законик, политичките партии учесници во изборите потпишаа Кодекс за фер и демократски избори. Потпишувањето на овој Кодекс оваа година за прв пат беше во организација на Државната изборна комисија (ДИК). Имајќи го предвид значењето на потпишувањето на овој Кодекс за позитивното отпочнување на изборната кампања, ДИК организираше свечен настан на кој се реализираше потпишувањето.

Настанот се одржа денеска, на 20 ноември, со почеток во 14 часот, во големата сала во седиштето на Државната изборна комисија.

Сите лидери на коалициите и политичките партии учесници на изборите присуствуваа на свечениот настан и го потпишаа Кодексот, со што ја реафирмираа заложбата на своите партии и коалиции за фер и демократски избори.

 

,,Ова потпишување на кодексот за добро однесување на политичките партии, е секако еден убав етички аспект, кој што денеска го испорачуваме како слика, како наш потпис на најодговорните политичари во државата, заради нашето однесување и однесувањето на нашите активисти и на нашите органи и тела по структура штапски позиционирани пред изборите-рече лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Јас сум убеден, рече тој,  дека изборите ќе бидат регуларни. Дали ќе бидат фер и демократски, ќе ја прашате власта, заради тоа што таа беше таа виновната, која што не овозможи на граѓаните во минатите години, Македонија да има фер, демократски и регуларни избори.

,,Сакам да испратам јасна порака, знаејќи дека за нашата Македонија не постои друга алтернатива освен комплетно чисти, кредибилни, регуларни, фер и демократски избори. Дека доколку се случи нешто што е спротивно на тоа, ќе сторам сѐ како политичар, целосно да се спроведе законот во Република Македонија и секој прекршител на законот, пред се Изборниот законик, но и Кривичниот законик кој што се обраќа на таа тема, да биде изнесен пред правдата и да понесе конкретна одговорност.

Им посакувам на граѓаните навистина слободно гласање, најслободно досега, заради тоа што од слободното гласање зависи патот по кој што ќе тргне нашата земја,, – изјави Заев по поштпишувањето.

zaev-20-11-slika-1

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски доцнеше петнаесетина минуту, па на крај сам го потпиша кодексот, бидејќи настанот почна навреме и останатите тоа го сторија во закажаниот термин.