Повардарие престана да откупува грозје

Повардарие одлучи да ги затвори вратите за неоткупениот род грозје. Оваа нова ситуација на теренот ги избезуми лозарите.

Информациите говорат дека соочени со огромните количини грозје, раководството одлучило откупот за годинава да заврши. Оттаму велат дека не можат повеќе да откупуваат, затоа што капацитетите им се преполни.Досега се откупени 30 милиони кг грозје наместо планираните 15, само да се излезе во пресрет на барањата на Владата да не остане родот на нива и да им се помогне на лозарите.

Со ваквата одлука на раководството на неготинскиот подрум практично на нива остануваат околу 4-5 милиони кг грозје од сортата смедеревка за која секоја година се кршат копјата меѓу лозарите и винариите. Лозарите се револтирани од новонастанатата состојба,се прашуваат што сега?

-„ Ова што сега се случува со откупот на грозјето е грев и срамота за оваа власт,измачени со пот, на дожд и сонце,произведовме грозје, дадовме квалитет, сега што ќе правиме“, прашуваат лозарите.

Гневни се лозарите и бараат одговор од владата, која изминатиот период ветуваше дека до последното зрно грозје ќе се смести во визбите, а министерот Цветков повторуваше дека договор е постигнат за плаќање на грозјето на рати, а ќе следуваат казни за винариите кои нема да го испочитуваат договореното.

И додека производителите мака мачат со проблемите, политичарите тивко ја започнаа предизборната кампања. Доаѓаат во регионот, но средбите се со однапред одбрани земјоделци. Ним им кажуваат дека оваа влада работи најмногу за земјоделците од сите досега.

Пред некој ден во кавадаречкото селото Бошава дојде заменик министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски заедно со неколкумина локални моќници. Пред присутните тој порача дека проектите се реализираат,се отвараат нови работни места, а се исплаќаат и субвенциите. Според него,лозарите со оваа власт добиваат поволни услови за набавка на механизација, се исплаќаат субвенции и се спроведуваат ред други мерки.

-„11 декември ќе биде денот кога сите граѓани ќе ја дадат поддршката на ВМРО-ДПМНЕ народот знае да препознае и преку глава им е на сите од таквото однесување на СДСМ“ – посочи Костадиновски.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев пак при неодамнешната посета на Тиквешијата рече дека по декември, државата директно ќе биде вклучена со интервентен откуп, во организација на пласманот на земјоделското производство, вклучително и на грозјето.

-„ Тоа значи дека триесет дена пред откупот ќе се знаат цените. Субвенциите ќе дојдат навремено и тоа во февруари, најдоцна во март, кога им требаат на лозарите. Државата ќе формира посебни агенции за грозје, градинарски производи, овоштарски производи, жито и тутун“,потенцира Заев.

Останува нејасно што ќе се случи со реколтата која остана на нивите и која веќе скапува.

Билјана Н. Тошевски