Повик до надлежните институции итно да го спречат геноцидот врз коњите низ Скопје

Здружението за заштита на животни-Анима Мунди, упати јавен апел до сите надлежни институции веднаш да реагираат и да ја спречат злоупотребата и изживувањето врз коњите од нивните сопственици!

,,Злоставувани целиот свој живот – итно да се забрани злоупотребата на коњите!
Паднат од изнемоштеност среде центар, тепан за да стане, се бориме за негов живот благодарение на луѓето кои се затекнале на самото место, го заштитиле и се обидуваат да помогнат. Пријавивме веднаш во надлежните институции и викнавме инспектори (МВР, АХВ), обезбедивме ветеринар на лице место за да се спаси коњот, но во меѓувреме талкаме низ правните лавиринти, несоодветната законска регулатива која би го заштитила животот на ова животно и таквите како него!


СЕ ОБРАЌАМЕ ДО СИТЕ НАДЛЕЖНИ ИНСТИТУЦИИ (АХВ, МВР) и нивното раководство , се обраќаме до ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ и бараме итно да се превземат мерки и законски оневозможи мачењето на овие животни во иднина! Анима Мунди изготвни и поднесе Иницијатива за помош на коњите, со која даваме конкретни применливи предлози за превземање на конкретни чекори кои би воделе кон:
– Унапредување на благосостојбата на коњите,
– Зголемување на безбедноста на сите граѓани во сообраќајот и
– Олеснување на животот на граѓаните кои се најранливата и најмаргинализираната категорија граѓани во нашето општество. 

              

Бараме :1) ИДЕНТИФИКАЦИЈА на животните на територија на град Скопје и другите урбани општини, нивната психофизичка состојба и секако сопствениците на тие коњи, за што здружението нуди помош; законско регулирање на сопствеништвото на коњите.
2) ВОВЕДУВАЊЕ ЗАКОНСКА ЗАБРАНА ЗА ДВИЖЕЊЕ НА ВЛЕЧНИ КОЛИ СО КОЊИ ВО УРБАНИ СРЕДИНИ И БРЗИ СООБРАЌАЈНИЦИ, директна интервенција во законот за на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата кој ја уредува ваквата пракса.

3) ИТНО ОДЗЕМАЊЕ НА КОЊИТЕ КОИ СЕ БОЛНИ, СТАРИ, ИЗНЕМОШТЕНИ И НИВНО ЗГРИЖУВАЊЕ НА БЕЗБЕДНА ЛОКАЦИЈА – НАМЕНСКИ ЦЕНТАР ЗА РЕХАБИЛИТАЦИЈА за што нудиме стручна и директна помош, како и во спроведување на едукативни кампањи за хуманост и грижа кон животните со што ќе помогнеме во обезбедување на дополнителни донации од државата и странство. 


4) УРГЕНТНО ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА ЗАБРАНА ЗА ДВИЖЕЊЕ НА ВЛЕЧНИ КОЛИ СО КОЊИ во урбани средини, во рамки на Одлуки за комунален ред на ЕЛС 


5) ОБЕШТЕТУВАЊЕ НА ЛИЦАТА КОИ ГО КОРИСТЕЛЕ КОЊОТ КАКО ПРЕВОЗНО СРЕДСТВО И НАЧИН ЗА ЗАРАБОТКА/ПРЕЖИВУВАЊЕ, т.е. да им се овозможат начини да дојдат до средства за живот и превозно средство; да им се понуди решение и даде соодветно превозно средство со кое ќе продолжат да ја вршат нивната работа – кое ќе им помогне безбедно и непречено да се движат во сообраќајот. Со тоа ќе се помогне/ олесни нивното живеење, а нивната собирачка активност ќе се подигне на повисоко ниво, да добијат статус на работници или помошници на Јавните Комунални претпријатија, кои со својата работа помагаат во рециклирањето на сметот.

Со оглед на важноста на оваа Иницијатива инсистираме истата да биде ургентно разгледана и очекуваме да се пристапи кон законски измени, процес во кој сакаме да бидеме инволвирани!“-реагира Анима Мунди.