Пожарот ја пеплоса документацијата и макетите на модерно и постземјотресно Скопје

Пожарот што ги зафати бараките на Завод за урбанизам и Институт за социолошки и политичко-правни науки ја пеплоса целата архива и документација што се наоѓала внатре. На социјалните мрежи веќе реагираа архитекти кои тврдат дека во бараката на Завод за урбанизам се наоѓала целата документација и макетите за изградба на модерно и постземјотресно Скопје.

,,Ова е скандал, трагедија, го уништија модерно Скопје и целата историска документација за него, се само некои од реакциите на архитектите.

Тие се сомневаат дека пожарот е намерно подметнат затоа што општина Карпош има намера тука да гради висококатници, а во близина на бараките веќе е започната градежната офанзива. Куп штици, така ги нарекувал овие бараки градоначалникот Стрефчо Јакимовски.

Таткото на модерно Скопје јапонскиот архитект Кензо Танге  во јануари 1965 година  добил телеграма од ОН со прашање дали би бил заинтересиран да учествува на меѓународниот конкурс за реконструкција на Скопје, главниот град на југословенската Република Македонија. Танге прифатил и проектирал.

Реконструкцијата на Скопје беше  реализирана со помош на југословенската влада помогната од странски држави и меѓународни организации.

ОН обезбеди пари за урбанистичкиот план за градот. Грчката архитектонска фирма Доксиадес и полскиот архитект Адолф Цибровски го нацртаа регионалниот план за Скопје во 1964 година, но центарот на градот, околу два квадратни километри, остана да се реши преку меѓународен конкурс. Танге ја прифати поканата. На конкурсот се пријавија 8 фирми, од нив 4 беа од Југославија, а другите од Холандија, САД, Италија и од Јапонија.

Првото место го доби Кензо Танге, а на второто место се пласира заедничкиот проект Радован Мишевиќ и Федор Венцлер. Тројцата добија задача да работат заедно на финалното решение за Скопје.

Предлогот на Танге се базираше на два метафорични концепта – Градска порта и Градски ѕид.

Сите тие макети се наоѓале во трошната барака на Завод за урбанизам.

И во институтот за социолошки и политичко-правни студии кој денеска изгоре, се наоѓала нивната целокупна документација, архива и проекти . Тој еднаш веќе бил  избришан од урбанистичкиот план на Општина Карпош, по што веднаш бил поднесен приговор, зад кој застанал и претходниот ректор, Велимир Стојковски. Овој приговор резултирал сепак со враќање на Институтот во урбанистичкиот план.

Од институтот веќе искажуваат сомнеж дека пожарот е подметнат заради нивно отстранување од локацијата на која треба да се градат висококатници.

АКО.мк