Полицијата тренира строгост или ,,Чкембари” провоцираат

 

Кој кого тепа? Ова прашање може да се постави по различните информации од двете страни за тоа кој прв почнал, навивачите или полицијата.

По вчерашниот инцидент во Кочани по фудбалскиот натпревар меѓу Пелистер и Брегалница, спротиставени информации за причините. МВР ги обвинува навивачите на битолскиот клуб, тие полицијата за прекумерна сила.

Во соопштението на навивачката група Чкембари се вели:

,,По завршувањето на вчерашниот натпревар, Брегалница – Пелистер одигран во Кочани, дојде до физички напад врз навивачката група Чкембари од страна на полицијата, при што со сериозни повреди се здобија неколку наши членови. Имено по завршувањето на самиот натпревар по влегувањето во автобусот и тргнувањето спрема Битола, по поминати 50-тина метра, нашиот автобус беше нападнат со камења од страна на домашната публика. Веднаш автобусот застана и неколку Чкембари излегоа од автобусот и реагираа кон тие што не нападнаа. Наместо полицијата да не заштити и безбедно да не спроведе кон Битола,тие брутално не нападнаа и употребија несоодветна сила спрема нас, при што како и веќе спомнавме повредени се неколку наши членови.

Денес во медиумите гледаме пласирање на невистини и напади кон нас, осуди за нашето однесување, а никаде осуди за насилничкото однесување од тие кои треба да спречат насилство. На видеото имаме доказ за непотребно употребена прекумерна сила. Нашите членови имаат извадено и лекарски уверенија“, стои во соопштението на оваа навивачка група.

 

Од друга страна МВР информира дека шест полицајци од Кочани биле повредени по вчерашниот фудбалски натпревар „Брегалница“ – „Пелистер“, откако интервенирале поради нарушување на јавниот ред и мир, соопшти денеска МВР.

Според МВР, нцидентот го предизвикале навивачи на ФК „Пелистер“ кои на заминување сакале да се пресметаат со навивачи на ФК „Брегалница“. Полицајците кои сакале да го спречат инцидентот, биле физички нападнати од поголем број навивачи. Покрај нив, телесни повреди здобиле и навивачи. Сите се пренесени во Клиничкиот центар Кочани каде им е укажана лекарска помош. Полицијата за настанот привела пет луѓе од Битола.