Полиција ги истражува заканите на ФБ пријавени од Бранко Героски

На 03.02.2018 година во ПС ОН Кисела Вода Б.Г. (56) од Скопје пријавил дека на 02.02.2018 година во вечерните часови на социјалната мрежа фејсбук повеќе лица објавиле свои коментари со заканувачки карактер по неговата сигурност и повикувале на насилство кон него. Земен е записник за примање на пријава и се работи на целосно расчистување на случајот, стои во денешниот полициски билтен.

Новинарот Бранко Героски на својот ФБ профил објави дека добивал смртни закани.

,,Добив линк со коментари на една ФБ група, на текст во кој ме напаѓа извесен портал Контрастав. Коментарите содржат експлицитни закани по мојот живот, упатени од повеќе лица. Линкот го проследив до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Досегашното искуство ме научи од Спасовски и од полицијата со која раководи да не очекувам никаква заштита или реакција. Не ми е јасно со што го заслужив тој однос, но сега тоа не ми е ни важно. Сакам само јавно да соопштам дека заканите ги пријавив, со цел моите најблиски и моите пријатели тоа да го знаат, ако некој сепак ја оствари заканата. Да знаат од кого да бараат одговорност“-напиша Героски.