Последни пратенички прашања

Последниот четврток во септември е резервиран за последните пратенички прашања што овој парламентарен состав ќе ги упати до министрите од техничката влада на чие чело е Емил Димитриев.

Парламентот се распушта на 12 октомври, по што течат изборните рокови.

Државната изборна комисија на 4 септември објави дека Избирачкиот список, на кој има 1.770.736 граѓани со право на глас (само 9.392 избирачи помалку од парламентарните избори во 2014 година), го доставила до сите политички партии на 30 август. Јавниот увид во списокот ќе биде можен од 27 октомври до 16 ноември, кога тој и официјално ќе се затвори.

Понатаму, изборниот роковник изгледа вака:

17 октомври – Радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет-порталите) се должни до овој датум да утврдат ценовници за платено политичко рекламирање на учесниците во изборниот процес.

27 октомври – Започнува јавен увид на Избирачкиот список што ќе трае до 16 ноември.

11 ноември – До овој датум ДИК треба да ги објави описите на изборните единици.

18 ноември – ДИК мора да ги објави во дневен печат листите со кандидати за пратеници.

21 ноември – Почнува изборната кампања.

22 ноември – ДИК ќе им го достави Избирачкиот список на политичките партии, а тие, во рок од пет дена, до 27 ноември, мора да достават барање за запишување, дополнување или бришење податоци.

27 ноември – ДИК го потпишува Избирачкиот список.

8 декември – ДИК треба да го предаде изборниот материјал на општинските изборни комисии.

10 декември – Завршува изборната кампања и почнува изборниот молк.

11 декември – Предвремени парламентарни избори.