Послушајте патриоти

 

Вашите деца, тие што се сега на 15 годишна возраст, се функционално неписмени. Така вели Светска банка. Тоа значи дека Вашите деца во изминатите речиси 11 години, токму колку што владее гарнитурата на Никола Груевски, се образовно ,,осакатени“. Тоа значи дека целиот образовен систем, од најраната возраст на Вашите деца, предшколското образование, па се до средно училиште, е погрешен и е голем неуспех за владата на ВМРО ДПМНЕ, која во изминатите години потроши огромни суми Ваши и наши пари патриоти, и направи функционално неписмени генерации.

Тие деца, така кажува Светска банка, покажале многу лоши резултати на тестирањето и се прогласени за функционално неписмени, затоа што во голема мера не знаат да читаат, не знаат математика, не знаат да пишуваат и што е можеби најстрашно од се- тие не разбираат ништо од тоа што го учат! Македонија, патриоти, од 72 тестирани земји во светот, е на 68 место. На дното! Полошо од Вашите деца, читаат  и пишуваат само децата во Косово и во Доминиканска Република, и уште две земји. Каков пораз на една политика. Каков пораз за една држава. Каков пораз за родителите на тие деца. Но, најголем пораз, за жал, ова е за самите деца. Генерации неописменети ученици кои, кога ќе стасаат во светот на возрасните, значи уште три години, ќе бидат добра цел за бескрупулозните политичари од маштапот на Груевски, и неговите министри Никола Тодоров и Спиро Ристевски. Ќе ми простите, актуелниот министер за образование не ми е познат.

Во нормални држави, ваков податок би бил доволен сам по себе за оставка на целата Влада. Во нормални држави каква што не е Македонија, веднаш би се зеле на одговорност сите министри за образование во изминатите 11 години, директори на Биро за образование, би се кренала таква тревога што тие што довеле до оваа погубна образовна состојба на десетина генерации млади луѓе, би ,,виселе“ на плоштад,(ова во пејоративна смисла, не буквално) заедно со нивните ,,образовни програми“, учебници, историски фризирани и со лажни факти. Заедно со нив би биле исфрлени на кладата на срамот и сите учители, наставници, педагози и пред се директори на училишта, кои и самите се функционално неписмени, но имаат функционална партиска книшка од ВМРО ДПМНЕ, која е пасош со кој можете да станете новинар, директор, учител, министер се разбира, судија, медицинска сестра, па дури и доктор!

Но, никој не се потресе заради ова. Дури никој и не зборува за овие изгубени генерации млади луѓе. Затоа што некому токму такви им требаат.

За патриотите чии деца се функционално неписмени, патриотски е да го излажеш своето дете дека ќе го носиш во парк да црта,( па кое дете нема да сака да си игра и да црта), и притоа свесно да ги ставиш во функција на политички протести организирани од ВМРО ДПМНЕ и од никој друг, да се разбереме. Патриотски е за нив да ги ставиш своите неколкугодишни деца на чело на протестната колона, организирана од ВМРО ДПМНЕ и од никој друг, и тие, децата, да ги направиш дел од националистичка колона која пропагира ,,Чиста Македонија“ и ,,Смрт за Шиптари“. Вие, нам останатите над еден и пол милион граѓани на оваа држава ни кажувате дека сме предавници, а ги злоупотребувате своите деца да протестираат за ,,Унитарна Македонија“?! Па срамота, патриоти.

Кое дете ја разбира суштината на било која политичка борба, па и на Вашата за ,,Унитарна Македонија“?  Македонија беше поделена токму меѓу Груевски и Ахмети преку принципот победник со победник, патриоти. Тие имаа договор да не си се мешаат еден на друг. Груевски беше премиер на Македонците, Ахмети на Албанците. Министрите на командант Али јавно кажуваа дека тие даваат отчет само пред Ахмети и пред партијата што ги номинирала. Министрите од ВМРО ДПМНЕ, вклучувајќи го и божемниот премиер Димитриев, одговараат и се уште му даваат рапорт за своите постапки само на Груевски и на партијата што ги номинирала. Ако сте отишле во Западна Македонија , патриоти, во последните десет години, ќе сте виделе дека не македонски, на јарболи се веат албански знамиња. Ќе видите дека натписите на поголем дел од фирмите се испишани на албански или двојазично-на албански и на македонски. Ќе чуете дека голем дел од помладите генерации Албанци не знаат да зборуваат македонски. Не зборуваат двојазично, патриоти, еднојазично зборуваат, бидејќи не го учат македонскиот јазик до петто одделение.

Наместо да бидете сериозно загрижени дека Вашите деца се веќе дел од еден пропаднат образовен систем кој произведува функционално неписмени граѓани, патриоти, вие нам ни кажувате скаски за патриотизам?

Колкумина од вас веќе им имаат обезбедено бугарски пасоши на своите деца? И не, не е ова обвинување. Секој родител ќе направи се за своите деца, па понекогаш и работи со кои не се согласува или длабоко во себе не ги поддржува. И секој што не е заблуден, задолжен кај фамилијата или дури и оние што искрено веруваат дека ја бранат Македонија од нас предавниците кои не го поддржуваат манипулаторот, лажгото и аболицираниот криминалец Груевски (овие ,,епитети“ се преземени од соопштенија на ВМРО ДПМНЕ како поими) ќе направи се да го извлече од оваа безперспективна држава.

Патриотизмот, патриоти, не е удирање во гради колку ја сакаш Македонија. Ние, кои сме родени и сме живееле во, за вас омразената Југославија, уште отогаш во своите лични документи сме се изјасниле како Македонци . И сега вие ли нас ќе не нарекувате предавници, изроди, платеници, само затоа што не сакаме да не води една криминална багра која ја опљачка, подели и раскара  Македонија?

Тие, фамилијата патриоти, имаат само еден императив во животот-како да продолжат да ја цедат Македонија и како да се спасат од одговорност и од затвор. Ништо друго не ги интересира, ништо.

Груевски е најголемото зло кое некогаш се појавило на овие простори, рече еден емигрант, инаку голем поддржувач на ВМРО ДПМНЕ. И јас се согласувам со него.

Не е виден таков вешт лажго и манипулатор, патриоти. Никој, никогаш не посегнал на ваков начин против мирот и спокојството на ,,својот народ“, како што тоа го прави Груевски сите години назад и особено последните две, патриоти. Никој никогаш на овие простори не повикал на пресметка со неистомисленици, Македонец против Македонец, сосед против сосед. Никој никогаш не делувал вонинституционално иако фактички ВМРО ДПМНЕ е се уште власт, формирајќи паравоени ,,народни“ формации, хушкајќи ги да напаѓаат и убиваат Македонци. Барем во поновата македонска историја.

Борбата на Груевски не е против Албанците и Ахмети, туку против граѓаните и институциите(СЈО) кои  бараат одговорност од него. Груевски, патриоти, за сите овие месеци на превирање , хаос и анархија, ниту еднаш не ги повика Ахмети и Албанците да се откажат од Платформата. Јасно ли ви е зошто, патриоти?

Затоа тој, се дури ја поддржува Платформата, како што е јасно дека се случило на преговорите со Ахмети, нема да го напаѓа  и да бара тој да се откаже од Платформата. А ДУИ е еднакво одговорна за Македонија и нејзината иднина како и СДСМ,патриоти.

Затоа, патриоти, ДУИ секогаш кога ќе затреба ќе му пушта ветер во грбот на ВМРО ДПМНЕ и ќе ја чита онолку пати содржината на Платформата во Собрание колку што ќе паѓа интензитетот на репликите и контрарепликите. Затоа, патриоти, функционерите на ДУИ и нивните сателити нема да се откажат од Платформата, иако Албанците се изјаснија дека ним им  е поважно СЈО од тој наменски документ, и секогаш кога тоа ќе му треба на Груевски ќе излегуваат со нови изјави кои содржат класични елементи на уцена кон Заев. Коалицијата ВМРО ДПМНЕ – ДУИ е жива и таа се уште беспрекорно и практично функционира  во Влада на РМ.

Доколку беше поинаку, а не е, и доколку и ДУИ беше искрен во намерите за коалиција со СДСМ и сакаше излез од политичката криза која може да излезе од нивната контрола, немаше да ја донесе преку ноќ Платформата за спас на Груевски или во најмала рака, ќе ја повлечеше. Па таа впрочем, нели е компилација на изборните програми на партиите на Албанците?!

Кога – тогаш, ова лудило предизвикано од самодекларирани ,,лудаци“, ќе заврши. Ние, онака (не)патриотски, може да заклучиме дека во име на патриотизмот , направивте функционално неписмени генерации. Поголемо зло од ова е само Груевски и неговите погубни политики за спас на сопствената кожа. Патриоти!

 

Емилија Лазаревска