Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, Министерот за транспорт и врски, м-р Горан Сугарески, вршителот на должност директор на Јавното претпријатие за државни патишта г-дин Зоран Китанов и претставникот на Синохидро во Македонија г-дин Фан Јанг денес го потпишаа анексот на договор за изградба на автопатската делница Миладиновци – Свети Николе – Штип.

Потпишувањето на овој анекс договор следува по донесениот Закон за изменување и дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и на Кичево – Охрид, со којшто рокот за завршување на автопатот Миладиновци – Штип наместо до први мај 2017 се продолжува до 30 септември 2018 година.

„Автопатот Миладиновци – Штип согласно претходниот договор требаше да биде завршен до 1 мај 2017 година, но за жал не беше завршен во предвидениот рок. Наша цел е да се заврши оваа делница во легална процедура, Собранието ги донесе неопходните законски измени и дополни, а денес го потпишавме и анекс договорот со кој се продолжува изградбата на делницата Миладиновци – Свети Николе – Штип до 30 септември 2018 година, односно рокот за завршување на работите се пролонгира за 517 дена. Со овој чекор Владата ја покажува својата посветеност за завршување на овој инфраструктурен проект, кој ќе биде од корист за граѓаните и економијата на Република Македонија“, истакнаа вицепремиерот Анѓушев и министерот Сугарески на чинот на потпишување.

Потпишувањето на анекс договорот помеѓу Владата и Синохидро е во согласност со законските измени и дополни донесени од Собранието на Република Македонија.