Потрошени 800 000 евра за нефункционален систем

Дополнителниот заменик министер за земјоделство Љупчо Николовски обелодени скандал со електронскиот ситем за наплата на субвенции, за кој иако биле потрошени близу 800 илјади евра пари од буџетот, никогаш не профункционирал.

На прес конференција тој рече дека ова е случај што директно е поврзан со изборните манипулации и селективната исплата на субвенции .

 

 

 

Согласно член 48 од Законот за земјоделство и рурален развој спроведувањето на мерките за директни плаќања (односно субвенциите за земјоделците) може да се врши преку интегриран систем за администрација и контрола.

Во декември 2011 година МЗШВ потпишува Договор за изработка токму на тој систем со странски компании (ИСАК). Според договорот од стотици страни, системот чини 778.000,00 евра, платен од МЗШВ, а даден на користење на Платежната агенција. Еве го договорот.

 

Преку овој скапо платен систем треба да се обезбедува администрација и контрола на средствата од директните плаќања односно субвенции, средствата за рурален развој и средствата од ИПАРД и да овозможи усогласено функционирање и непречена размена на податоци со другите институции.

Во 2012 година е донесен Правилник за начинот и функционирањето на овој систем според кој е регулирано дека заради правилно функционирање и размена на податоците МЗШВ треба да склучи меморандум со АФПЗРР, Агенцијата за катастар на недвижностите и АХВ заради користење на податоците за земјоделските парцели и бројната состојба на животните и нивната идентификација.

Но, што констатира конечниот ревизорски извештај на ДЗР за периодот 2014 година.

Прво, дека на ревизијата не и се презентирани склучени договори/меморандуми за соработка на МЗШВ со АФПЗРР, Агенцијата за катастар на недвижностите и АХВ. Дека овие состојби не се во согласност со Законот за земјоделство и рурален развој и влијаат на правилното функционриање на системот.

Второ, ревизорот констататирал дека поради нефункционалноста во софтверот за директни плаќања изборот на примерок за контрола се прави со помош на ексел апликација и со користење на само два критериуми.

Трето, ревизорот констатира одобрување на неавторизирани налози за исплата кои ги нема во прегледот на донесени решенија за одобрување на исплата.

 

Николовски праша зошто не биле потпишани договори за соработка меѓу институциите за користење на податоците за земјоделските парцели и бројната состојба на животните и нивната идентификација?

,,Дали токму нефункционалноста на овој систем за кој се платени 778.000 евра средства од граѓаните за да се овозможи администрација и контрола на исплаќање на субвенциите на земјоделците, е токму причината за селективниот и клиентелистички пристап во распределба на субвенциите?

Зошто ова се случува во период кога имавме локални, претседателски и парламентарни избори?

Земјоделците имаат право да ја знаат вистината. Во нивно име и со нивни пари се правени големи злоупотреби”-  рече дополнителниот заменик министер Љупчо Николовски на прес конференција.