Почина Шимон Перес

На 94-годишна возраст во Тел Авив почина поранешниот претседател на Израел, Шимон Перес, две недели откако претрпе голем мозочен удар.

На погребот, кој ќе се одржи в петок на националните гробишта во Ерусалим, ќе присуствуваат претседателот на САД, Барак Обама, канадскиот премиер Џастин Трудо, Бил и Хилари Клинтон, јавуваат израелски медиуми.

Перес е еден од основачите на модерниот Израел. Роден е во Полска во 1923 година, како Шимон Перски, а единаесет години подоцна, во 1934 година се преселил во Палестина со своето семејство.

Пораснал во Тел Авив, завршил средно земјоделско училиште, а потоа се запишал на „Харвард“ во Њујорк.

Бил премиер и претседател на Израел и лидер на Лабуристичката партија.

За време на речиси седумдецениската политичка кариера игра клучна улога во историјата на земјата.
Член на израелскиот парламент бил од 1959 до 2007 година, кога стана претседател. Министер за апсорпција на имигранти и за развој на окупираните територии стана во 1969 година.

Во 1993 година како шеф на израелската дипломатија помагал во преговорите за мир со лидерот на Палестинската ослободителна организација, Јасер Арафат. Следната година за спогодбата доби Нобелова награда за мир, заедно со Арафат и со тогашниот израелски премиер Јицак Рабин.