Поштите на Македонија и Словенија склучија договор за поедноставно царинење на интернет нарачки

  Делегација на АД „ Македонска Пошта“ предводена од Генералниот директор, Фадис Реџепи, а во чиј состав се и Сашо Пецалевски- Директор за правни работи, човечки ресурси и корпоративни функции, Ирфан Ибраими- Раководител на сектор за Поштенски сообраќај и Рами Јусуфи – Раководител на сектор за економско и финансиско работење, престојуваат во Љубљана Република Словенија во работна посета.
 Потпишан е меморандум за соработка помеѓу Македонска пошта и Словенечка Пошта за користење на искуствата од Словенечка пошта за иден развој на Македонска Пошта. Страните се договорија приоритет за реализација по склучениот меморандум да биде користењето на ITM апликацијата на Словенечка пошта за царинење на поштенски пратки од страна на Mакедонска Пошта. Апликацијата ќе го поедностави процесот на царинење на поштенски пратки од интернет нарачки, а истото ќе значи големо олеснување за работата на Македонска пошта и Царинската управа на Македонија.
Од посебна важност за идниот развој на Македонска пошта е и остварениот состанокот со преставници од Школскиот центар за пошта, економија и телекомуникации во Љублана. Со нив се разгледуваа можностите Македонска Пошта да испрати свои вработени за дообучување и специјализација. Вработените по завршување на специјализацијата ќе бидат ангажирани за интерно обучување на другите вработени во Македонска Пошта.
Македонска Пошта во Словенечка Пошта најде сериозен подржувач во патот за реализација на проекти преку обезбедување на средства од Светски поштенски сојуз – УПУ. По успешната работна посета во Љубљана делегацијата ќе го посети Пост – експо 2017 настан организиран од Светски поштенски сојуз во Женева.