По бројните критики за дискриминација изедначени паричните награди за охридските атлетски натпреварувачи

Организациониот Одбор на 31-ви Меѓународен Атлетски Маратон Охрид 2017 на состанокот одржан на 02.08.2017 година одлучи да го промени наградниот фонд кој ќе биде еднаков за мажите и за жените. Претходно за женските натпреварувачи наградниот фонд беше помал, што предизвика бура од реакции дека се спроведува дискриминација.

Во соопштението од организациониот одбор наведуваат:

,, Уште еднаш се нагласи дека Организациониот Одбор никогаш ниту помислил, ниту имал намера да врши дискриминација со наградниот фонд за жените. Едноставно имаше континуирано многу слаба заинтересираност и конкуренција кај женскиот пол за оваа трка, па затоа и така размислувавме. Се извинуваме за ненамерната грешка, и ве молиме да го земете предвид нашето извинување, па како што го објавувавте предходниот ненамерно погрешен пост, сметаме дека е фер и овој да го објавите. Ете сите заедно изнајдовме соодветно решение, и да не се случува некој на многу полесен начин да дојде до парична награда. Тоа е со воведување на нормата за постигнато време, па такa сега ќе биде многу пофер за сите учесници.
Оној што го следел повеќе овој настан знае дека Организациониот одбор е составен од ентузијасти и вљубеници во атлетиката, кои сето ова го работат волонтерски, и многу често со сопствени средства помагале за да не згасне оваа долга традиција. Сите години апелираме до локалната и централната власт да ни помогнат, но одзивот беше многу мал, и бевме на раб да се откажеме. Но на иницијатива на Претседателот на АФМ (кои секоја година ни помагаат), како и дел од маратонките и маратонците (кои се заангажираа за барање на спонзори), одлучивме да го организираме и годинава.
Наградниот фонд кој го објавивме сеуште не е обезбеден и во голем дел зависи и од котизацијата, па апелираме до сите да помогнат во изнаоѓање на потенцијални спонзори и да ни се обратат. Кај жените маратонки апелираме да се пријават во што поголем број (замислете рекордот е само 13 учеснички во 2014-та), па ајде да ги срушиме тие стари рекорди.
За крај, да напоменеме дека оваа манифестација сите овие години како општествено одговорни личности ја правиме само од љубов кон атлетиката и маратонското трчање, а не да би профитирале од неа и голем број од тие кои учествувале на оваа трка го знаат тоа и само заради нив не се откажуваме.
Им посакуваме успех на сите учесници, и повторно да се вратат од нашиот Охрид со прекрасни импресии“-се вели во известувањето на Организациониот одбор.