ПО СТОТИ ПАТ ЗА ДРЖАВНИОТ АРХИВ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

Пишува:проф.д-р Катерина Тодороска

 

ЗНАМ. ДОСАДНА СУМ.

ЗНАМ.

АМА НЕМА КАКО ПОИНАКУ ДА СЕ ЗАПРЕ УНИШТУВАЊЕТО НА СТАРАТА ЗГРАДА НА ДРЖАВНИОТ АРХИВ НА РМ И ТАА ПОВТОРНО ДА СИ ЈА ДОБИЕ СВОЈАТА НАМЕНА:

 

Денеска, сосем случајно дојдов до еден документ во кој, почитувани добронамерни, го пишува и ова:

„Краток историјат:

– Државниот архив е формиран во 1951 година и функционира како самостоен орган на управа со централен дел и 9 подрачни одделенија кои во целост ја покриваат територијата на Република Македонија во поглед на архивското работење.

– Во 1969 година Државниот архив добива наменска зграда, изградена според меѓународни стандарди и со специјализирано депо во кое се обезбедени сите неопходни услови за заштита на архивскиот материјал во случај на воена опасност, вонредна состојба и природни катастрофи. Во ова депо се чува архивскиот материјал создаден од државни органи, јавни институции, како и фондови од сите општествени дејности: стопанство, образование, култура, спорт и огромна колекција на лични фондови од познати јавни личности од доменот на политиката, науката, културата, уметноста, спортот и др. Во Државниот архив се чуваат над 1.330 фондови, 8.717 архивски книги и 28 збирки на документи. Според последните податоци во ДАРМ се чуваат 56.500.000 документи или околу 4 км должински траен архивски материјал. Во депото се чуваат и материјали од истражувања во странските архиви, претежно дипломатски документи, кои го покриваат речиси целосниот недостаток на оригинални документи до 1944 година, или 12.500 микрофилмови и 5.050 микрофиши со вкупно 7.500.000 снимки. Најстариот документ што се чува во Државниот архив потекнува од 12-ти век.

– Во 2013 година на Државниот архив му е одземена наменската зграда која е доделена на Јавното обвинителство и Архивот е преселен во новата зграда на Археолошки музеј, со што го губи и специјализираното депо каде што се уште се наоѓаат најголемиот дел од архивските фондови кои треба да бидат преселени наскоро и за што не е обезбеден соодветен простор.“

 

Со вакви податоци не можат да се пофалат голем број државни Архиви. Но, исто така нема ниту Архиви кои можат да се „пофалат“ со идиотизмот да бидат исселени од наменска зграда заради нечии хирови.

Е,кога веќе плачам за Државниот архив, а со цел приказната да биде целосна ќе ја дополнам со жалната и плачна состојба на Институтот за национална историја, чии простории се наоѓаат во истата, стара зграда на Државниот Архив.

Неколкупати пишував дека првите два ката каде беше сместен Државниот архив некој си, решил да бидат канцеларии за Јавно обвинителство, ни помалки ни повеќе, за организиран криминал.

Бидејќи ми е најблиска компарацијата за Институт за историја, ви претставувам на првата слика, зградата на Институт за историја во Тирана. Зграда репрезентативна, влез достоен за институција од таков калибар.

  

Втората слика ја прикажува страничната ДУПКА во старата зграда на Државниот архив која некој умен од ДПМНЕ ја смислил и наменил за влез на Институтот за национална историја. Понижување до крајни граници.

Замислете, низ оваа ДУПКА треба да влегуваат сите наши пријатели, соработници, професори од еминентни Универзитети и при тоа, да гледаат како со лисици на раце се спроведуваат затвореници.

Но, дниве повторно се влечат кабли, се копа, крши. На горештиниве повторно сме почестени со прашина во изобилие, со смрдеа на сечени профили…. Има ли крај?

Ако новиот директор на Државниот архив на РМ е сериозен во изјавата дака вработените во Државниот архив работат во НЕХУМАНИ УСЛОВИ, што е сосема точна констатација, најмалку што очекувам е ИТНО да се заложи кај Владата на РМ да запрат сите градежни работи во оваа зграда и да се донесат стручни лица кои ќе проценат како и што е неопходно за да се врати првобитното значење на оваа зграда. Се друго би било само лицемерие.

И да не ги заборавиме, оние кои го иницираа и извршија ова ЗЛОСТОРСТВО врз зграда од национално значење, со исклучителна национална вредност и наменска градба со највисоки стандарди, а кои треба да си го понесат товарот на криминалното злодело.

 

АКО.мк