Празници се нижат, по Нова година-Бадник и Божик

Како се празнува Бадник?

Бадник е предвесник на најголемиот христијански празник – Божик. Прочитајте како се празнувале овие празници во минатото и што оставила традицијата како придобивка од разните обичаи за христијанските празници, кои дури и од град во град имаат разни начини на празнување.

По четириесетдневниот пост дочекувањето на христовото раѓање се заокружува со посна вечера и молитва. Христијаните уште во раните утрински часови започнуваат да се подговтваат за Бадник, вечерата што му ја посветуваат на големиот Син божји кој ќе се роди на Божик.

На Бадник, навечер, се поставува вечерата со посна храна. На масата се ставаат бадникови гранчиња, најздравото дрво кое ја симболизира среќата и здравјето на сите членови во семејството. Домаќинката, во спомен на тоа дека преку жена, односно преку пречистата дева Марија, на овој свет дојде вечната Светлина, ја пали празничната свеќа.
Домаќинот, или некој подготвен за тоа, во името на сите ги принесува молитвите „Оче наш“ и „Симболот на Верата“.

Откако сите членови на семејството ќе се прекрстат се започнува со молитвата. Најголемо значење на целата вечера имаат молитвите кои му се принесуваат на Бога и пријатната атмосфера во кругот на потесното семејство.

Откако ќе се кажат молитвите, се седнува на семејната предбожикна вечера. По молитвењето семејната вечера продолжува во пријатна свечена атмосфера.

Македонскиот народ со многу внимание и почит го празнува Божик, кој започнува да се слави со Бадник, денот пред Божик. Со него се поврзани многу обичаи и симболи. Рано наутро, на Бадник децата одат по куќи и пеат разни песни пред домаќините. Тие ги симболизираат ангелите, а пеењето по куќи значи дека веста за Христовото раѓање ќе се прошири насекаде. Децата ги симболизираат пастирите, а домот, каде што одат ја симболизира пештерата во која е роден Младенецот. Постои уште една симболика. Децата се Господ Исус Христос и затоа добиваат дарови, а домаќините се симбол на мудреците кои ги принеле даровите пред Младенецот.

За време на овој празник се пали и коледарски оган, кој е поврзан со обичајот, наречен Коледица или Коледе. И денес и во минатото во селата и градовите во сите краишта во Македонија, поголеми или помали групи на луѓе палат огнови и пеат песни, а се избира и кум, кој меси погача со паричка. Оној, кај кого ќе падне паричката, наредната година станува кум. Вечерта на Божик некаде се става и слама во собата за спиење, што ја симболизира пештерата во која се родил Христос.

На Божик, рано утрото почнува Богослужба во црквите. Причесната следува по службата кога искараните треба да се смират и да се поканат меѓу себе на гости.

Во некои села во Македонија по Богослужбата девојките одат по овоштарниците и ги врзуваат дрвјата, за да се сочуваат од разни болести и да бидат плодни. Овој обичај е проследен со песни.

Најважно е за Големиот празник да се биде дома во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот.

Подготви: Ангела Лазаревска