Пратеничката на СДСМ Лазарова и градоначалникот на Валандово Костадинов повредени во сообраќајка

Во вчерашната сообраќајка кај Удово потешко е повредена  пратеничката на СДСМ, Мери Лазарова (33), а со полесни повреди поминал градоначалникот на Валандово Перо Костадинов (30).

Пратеничката, која управувала со возилото, итно била пренесена во Ургентниот центар во Скопје, со повреди на главата и телото.

Од МВР информираат дека патничко моторно возило „опел корса“ се превртело откако М.Л. се обидела да го избегне одронот на патот на делот по демиркаписките тунели.

(На 10.02.2018 година околу 17.50 часот на патот Демир Капија – Удово, на место викано „Маркова чешма“, се случила сообраќајна незгода во која М.Л. (33) од Валандово, управувајќи патничко возило „Опел Корса“ со гевгелиски регистарски ознаки удрила во одрон од камења на коловозот. Веднаш потоа, А.М. (57) од Богданци, управувајќи товарно возило „Волво“ со гевгелиски регистарски ознаки, кој возел зад “Опел“-от, удрил во возилото „Опел Корса“. М.Л. и сопатникот во „Опел“-от П.К. (30) од с.Удово, валандовско, со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во Општа болница Кавадарци. Кај П.К. биле констатирани телесни повреди, додека кај М.Л. биле констатирани тешки телесни повреди. Поради сериозноста на повредите, М.Л. била пренесена во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од Полициската станица Неготино.-соопштение МВР)