Прва средба на премиерско ниво меѓу Заев и Брнабиќ во Драч по меѓудржавната дипломатска криза

Денеска во Драч, Албанија, ќе се сретнат премиерите на Македонија и на Србија, Зоран Заев и Ана Брнабиќ. Тие ќе имаат прилика да разговараат за меѓудржавните односи по дипломатската криза, која се случи заради драстичната мерка од српска страна, со повлекувањето на целокупниот персонал од амбасадата во Скопје. Србија реагираше драстично заради наводни нивни сознанија дека безбедносните служби вршеле разузнавачки информации кон српските дипломати.

Албанскиот премиер Еди Рама е домаќин на  неформален состанот на премиерите од државите на Западен Балкан, на кој ќе се зборува за интеграцискиот процес и продлабочувањето на регионалната соработка.

На собирот ќе присуствуваат премиерот на Македонија, Зоран Заев, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, црногорскиот премиер, Душко Марковиќ, како и косовскиот премиер во заминување, Иса Мустафа.

Исто така, на состанокот ќе присуствува и комесарот за проширување и соседска политика на ЕУ, Јоханес Хан, и потпретседателот на Светската банка за Европа и Азија, Сирил Милер.

Предвидено е да се одржат неколку-панел дискусии на кои ќе се зборува за трговијата, услугите, инвестициите и дигиталната економија во земјите на Западен Балкан.