„Изградбата на коридорите 8 и 10 е дополнителна можност за раст и развој на регионот на Западен Балкан, како и за приближување на регионот кон ЕУ“, рече премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција во Софија на премиерите од регионот, во рамки на Меѓународната конференција „Посилна регионална интеграција на Балканот“, чиј домаќин е Светска Банка.

Светска банка соопшти дека ќе поддржи Проект за олеснување на транспортот и трговијата на Западен Балкан во вкупна вредност од 150 милиони долари, оценувајќи дека бенефитот за државите од Западен Балкан ќе биде во вкупна вредност од 1 милијарда долари.

Премиерот Заев ја поздрави поддршката на Светска Банка на регионалната соработка и додаде дека присуството на Конференцијата во Софија, на еврокомесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, е порака за важноста на регионот за ЕУ, којшто треба сега да одговори на очекувањата.

„Претстојното претседателство на Бугарија со ЕУ испраќа охрабрувачка порака целиот регион да даде резултати, преку исполнување на очекувањата на ЕУ во делот на напредувањето на Балканот што е интерес на сите. Олеснувањето на протокот на стока и патници ќе биде сериозно олеснување за граѓаните и за бизнисот. ИТ поврзувањето на граничните премини ќе значи модернизација и можност нашите граѓани да се почувствуваат еднакви со граѓаните од Европа“, додаде претседателот на Владата, Заев.

„Мораме да ги направиме комплементарни нашите економии, наместо да бидеме конкуренти“, порача меѓу другото премиерот Зоран Заев, објаснувајќи дека на тој начин регионот ќе се поврзе економски и ќе биде попривлечен за европскиот и светските пазари.

На заедничката прес-конференција и фотографијата ѝ претходеше воведна дискусија за значењето на граничните олеснувања во регионот, со цел гранични олеснувања и на трговијата, како и регионални ИТ и технолошки кластери, со цел отворање перспективи за приватниот сектор.

Главната извршна директорка на Светска Банка, Кристалина Георгиева и претставниците на Светска Банка објаснија дека помагаат на регионот подобро економски да се поврзе преку проектот што ќе овозможи еден шалтер на граничните премини преку којшто ќе се одвива полесно трговијата и протокот на луѓе, разработен систем за заедничка контрола, со цел подобра безбедност како и квалитетни патишта во рамки на финансиската поддршка за инфраструктурата.

Порака за единствен економски регион со цел да се унапреди економскиот потенцијал на земјите од Западен Балкан испрати и еврокомесарот Хан кој рече дека на тој начин ќе се намалат побрзо економските разлики со ЕУ, со цел доближување до ЕУ и посветување на сите други критериуми потребни за негова интеграција. Еврокомесарот Хан повтори дека Европската Комисија ја поддржува интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ.

Сите премиери од државите од Западен Балкан го поддржаа интензивирањето на регионалната соработка и ги поздравија заложбите на Република Бугарија, како идна земја претседавач со ЕУ, за европски перспективи на целиот Западен Балкан.

Премиерот на Република Бугарија повика минатото да им се остави на оние кои им е работа да се занимаваат со тоа и актуелните политички раководства на државите да се посветат на перспективите и на иднината на матичните држави и на регионот.

Конференцијата „Посилна регионална интеграција на Балканот“ продолжи со поконкретни дискусии на темата гранично олеснување и дигитални олеснувања за подобра економска соработка на Западен Балкан, поддржано од Светска Банка и од Европската Унија.