Претсeдателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со своите гости премиерите на Албанија и Црна Гора, Еди Рама и Душко Марковиќ, и со Претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, д-р Денис Звиздиќ, денеска учествуваше на панел дебата на манифестацијата Самит 100, собир на најголемите и највлијателни претставници на бизнис заедницата на земјите од Западен Балкан.

Во своето обраќање на дебатата на тема „Дали регионот може да се натпреварува на глобалниот пазар?“, премиерот Заев истакна:

„За нас е особена чест што имаме можност да се обратиме на овој Самит 100, пред деловните луѓе заради тоа што верувам дека не само владата што јас ја предводам, туку и сите други влади во регионот вложуваат многу во економскиот раст на нашите земји, кој се заснова на растот и на развојот на бизнис заедницата, приватниот сектор и приватните инвестиции.

Државата може да помогне многу, но ако бизнис заедницата оди напред, тогаш и ние политичарите можеме да покажеме добри резултати пред нашите гласачи, пред нашите граѓани.

Јас се согласувам дека целиот овој регион премногу долго чека за нашето полноправно членство во Европската Унија, но истовремено се согласувам и дека и ние самите мораме да преземеме дејствија, сите ние од регионот, ако сакаме навистина, колку што е можно побргу да го доближиме стандардот на живот на нашите граѓани од целиот регион до стандардот на животот на земјите од Европската Унија.

Во таа насока, сите премиери од Западен Балкан, но проширено и со Хрватска, Словенија и другите земји што го помагаат овој процес, работиме на унапредување на целата регионална соработка заради тоа што сме убедени дека и западна Европа ќе нè почитува повеќе ако бидеме поединствени, посплотени и ако покажеме поголема соработка помеѓу компаниите, а со тоа и помеѓу земјите од регионот.

Оваа прилика, што ја овозможи Самит 100, да бидеме овде, е порака на единство што ја испраќаме и ние, како и вие, деловните луѓе. Владата на РМ веќе вгради регионални концепти во својата програма за поддршката на инвестициите кои доаѓаат од регионот бидејќи ги сметаме за домашни компании. Јас се надевам дека деловните луѓе ќе ја искористат оваа можност на одлична соработка помеѓу владите од регионот, како егзекутива и поддршка на иницијативите на бизнис заедницата. Како влади на земјите што ги претставуваме можеме многу да им помогнеме на сите иницијативи и стратегии што ќе ги подготвува и спроведува бизнис заедницата.

Овие инцијативи, ваквата регионална поставеност, каква што ја покажува Самит 100, претставува одлична можност и нè мотивира и нас, премиерите на владите, да бидеме конкретни во поддршките заради тоа што наша цел мора да биде Европа да ја донесеме во регионот, зашто само така, ЕУ ќе нè прифати како рамноправни членки на унијата, и кога нашиот стандард и нашата мобилност ќе бидат барем приближно до стандардите во овие сфери во ЕУ.

Верувам дека во таква насока се движи овој наш регион. Сакам да ги охрабрам бизнис луѓето дека ние како влади полагаме надежи во развојот и растот што доаѓаат од приватната иницијатива и приватниот сектор. Ние можеме да ги помогнеме јавните инвестиции, но регионот ќе напредува само ако напредува и приватнот бизнис.

Затоа, искрено, сметајте на целата наша поддршка за раст и развој на целиот наш заеднички регион“-рече Заев.