Премиерот Заев отпатува во прва официјална посета на Брисел на средби со првите луѓе на ЕУ и НАТО

Премиерот Зоран Заев утре во Брисел ќе се сретне со високи претставици на ЕУ и НАТО, во прва официјална посета по преземањето на должноста, чија цел е Владата да ја потврди својата целосна посветеност на интеграците во ЕУ и НАТО, како стратешка цел на земјата и да ги  презентира реформските приоритети во агендата на Владата за враќање на земјава на патот на евроатлансите интеграции-соопштуваат од кабинетот на претседателот на Влада на РМ.

Премиерот Зоран Заев, кој е придружуван од вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, во седиштето на Европската Комисија и на Европскиот Совет во Брисел ќе се сретне со претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск, со високата претставничка за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседател на ЕК, Федерика Могерини, и со комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан.

Владината делегација ќе има средба и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

“Како премиер длабоко ги ценам пораките за поддршка на новата Влада кои деновиве ги добив од челниците на ЕУ и НАТО. Сите без исклучок гледаат голема надеж во мојот Кабинет и во новата Влада да ја врати земјата на европскиот пат. Тоа за нас е дополнителен мотив веднаш да се зафатиме со реформските процеси што сме ги ветиле пред граѓаните и пред нашите пријатели во Брисел да претставиме конкретна реформска агенда, која ќе ги деблокира процесите за напредок кон членство во ЕУ со обновување на препораката за почеток на преговори која поради политичката криза е замрзната веќе две години. Владата е силно посветена со конкретен план за реформи во соработка со институциите на ЕУ да работи и на изнаоѓање решенија за отворање на поглавјата 23 и 24, како суштински не само во процесот на преговори за пристапување, туку и за реформите на домашен план, коишто треба да го вратат владеењето на правото и довербата на граѓаните во институциите“ – порачува Премиерот Зоран Заев.

Итните реформски приоритети, веќе посочени од ЕУ, се во фокусот и на НАТО. На средбата со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, владината делегација ќе ја презентира решеноста за унапредување на добрососедските односи врз основа на взаемно почитување, определбата да се продолжи со придонесот во мисиите на Алијансата, како и заложбите да се обезбедат сите потребни предуслови за натамошно осовременување на Армијата на РМ согласно стандардите на НАТО-се вели во соопштението на Влада на РМ.