Премиерот Заев отпатува во Њујорк на 72 Генерално Собрание на ОН

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, ја предводи делегацијата на Република Македонија која ќе присуствува на 72 Генерално Собрание на Обединетите Нации во Њујорк од 17 до 23 септември.

Во составот на делегацијата , покрај премиерот Заев, се  министерот за надворешни работи Никола Димитров и министерот без ресор, задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми.

Премиерот Зоран Заев, ќе присуствува на свеченото отворање на работата на Генералното Собрание и ќе настапи со свое излагање на тематската конференција „Отворена влада“, со која ќе претседава претседателот на Франција, Емануел Макрон. Ќе учествува во работата и на повеќе други тематски панели за време на овој светски собир на претседатели на држави и шефови на влади.

За време на Генералното Собрание на ОН, Претседателот на Владата на Република Македонија ќе има работен ручек со Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, повеќе други билатерални средби, меѓу кои и со Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, со Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на Европската Унија, Федерика Могерини, со премиерите на Норвешка, Малта, како и Претседателот на САД, Доналд Трамп.

Во рамките на посетата на Њујорк, Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев ќе оствари средби и со претставници на дијаспората на Република Македонија во Соединетите Американски Држави, како и со бизнисмени од САД-се вели во соопштението на Влада на РМ.