Претседателот Иванов изнесе лажна вест од говорницата и манипулираше со поимите ,,родов идентитет и перспектива“

Претседателот Ѓорге Иванов, вчера од собраниската говорница изнесе лажна и манипулативна информација во врска со одредбите од неодамна ратификуваната  Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, позната како Истанбулска конвенција.

И самиот зборувајќи за лажни вести, во кои тој е жртвата, Иванов критикуваше делови од Истанбулската конвенција , кои според него ,,се контроверзни и истите не би требало да станат дел од македонскиот правен систем без консултација со пошироката експертска јавност“, но притоа изнесувајќи произволно конструирани, лажни и манипулативни заклучоци.

За Иванов спорни се поимите ,,родова перспектива“ и ,,родов идентитет“, кои во Конвенцијата се спомнати во членот 4, став 3:

(3. Страните обезбедуваат спроведување на одредбите на оваа Конвенција, особено на мерките за заштита на правата на жртвите, без дискриминација врз кој било основ како што е, пол,род, раса, боја, јазик, вера, политичко или друго мислење,национално или социјално потекло, поврзаност со национално малцинство, имот, раѓање, сексуална ориентација, родов идентитет, здравствена состојба, инвалидност, брачен статус, статус на мигрант или бегалец, возраст, или друг статус.)

Иванов вчера од собраниската говорница рече:

,,Внимателната анализа покажува дека нејзината ратификација со себе носи и одредени ризици. Преку родовата перспектива, Конвенцијата воведува нова и неконвенционална дефиниција на родот како општествен конструкт што е независен од биолошкиот пол и што може да се менува според волјата.

Меѓу другото, тоа отвора можност и на тригодишни деца во градинка да им биде наложувано за машкиот и женскиот пол да размислуваат во родово неутрални термини. Нивните родители речиси ќе немаат никаков начин да го изразат своето лично гледиште. Со тоа ќе се наруши не само фундаменталното човеково право на родителите да ги воспитуваат своите деца во согласност со своите морални вредности, туку ќе се наруши и еден од основните принципи на воспитување на младите генерации во сите ери и во сите цивилизации.(заклучок базирана на лажна информација, која не постои и не е спомната во Конвенцијата)

Парадоксално, вели претседателот на државата, ,, сето ова се прави во име на слободното, отворено општество. Но, да не заборавиме дека слободното општество е пред сè морално достигнување. Без споделени морални вредности и врз нив втемелени општествени институции, општеството се распаѓа“.

 

Наводните реакции и писма кои пристигнале до Ѓорге Иванова, е всушност Став на Наставно-научниот совет при Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ – Скопје по однос на Предлог-закон за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулска конвенција) на Владата на Република Македонија, објавен на 14 декември, но без предизвикан интерес во јавност.

Еве го во целост Ставот на Православно-богословскиот факултет во Скопје:

,,На 06 декември 2017 Владата на Република Македонија усвои Предлог-закон за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, позната како Истанбулска конвенција. Конвенцијата е донесена на 11. мај 2011, а потпишана е од страна на Република Македонија на 08. јули 2011 година. Од вкупниот број потписници, вкупно 17 земји не ја ратификувале, 14 земји ја ратификувале со резервации и проговори во однос на одредени членови, додека само 13 земји ја ратификувале во нејзината целосна форма.

Носечката поента на Конвенцијата која се изјаснува против насилството врз жените е неспорна. Насилство и поттикнување на насилство, независно од начинот на кој тоа се манифестира, врз било кое човечко суштество, подлежи на осуда и санкција.

Она што силно нè загрижува во врска со овој документ е имплицитната содржина на документот и промовирањето на нов категоријален систем кој далеку ја надминува темата за насилството врз жените и домашното насилство. Имено, Конвенцијата ја воведува т.н. „родова перспектива“ (gender perspective), која суштински го менува значењето на поимите „маж“ и „жена“, исто така, се воведува контроверзна дефиниција за „родот“ како општествен конструкт, независен од половата реалност, како и поимот „родов идентитет“различен од поимите „пол“ и „род“ (чл. 3-4).

Конвенцијата, вешто ползувајќи се со осудата на насилството врз жените, суптилно отвора простор за стигматизација на традиционалниот концепт за семејството и бракот, својствен за големите светски религии, како „традиции втемелени врз стереотипни улоги за жените и мажите“, кои, според текстот на декларацијата, треба да се „искоренат“ (чл. 12). Уставните и законските измени што во овој контекст се условуваат со Конвенцијата ќе резултираат со притисок и санкционирање на религиите во нивната проповед, мисија и практика во Р. Македонија (чл. 42).

Конвенцијата, исто така,може да го ограничи правото на родителите во процесот на образование и воспитание на нивните децата (чл. 12-14, 17, 42, 45) гарантирано со Законот за семејство на РМ (чл. 8 и 46) и со Европската конвенција за човекови права (чл. 2, протокол 1).Тоа особено важи за отпорот против контроверзните образовни програми, кои би го претставувале „родот“ како општествена конструкција одвоена од биолошкиот пол.

Конвенцијата отвора и простор за ограничување на правото на совест, мисла и вера. Искажување на спротивно мислење (на пример, дека сексуалниот чин меѓу хомосексуални партнери е грев) може да се интерпретира како „нарушување на психичкиот интегритет“, т.е. психичко насилство (чл. 33, 42).

Конвенцијата во своето потенцирање на жената како ексклузивна жртва во општеството формира стереотип за припадниците на машкиот пол како единствени вршители на насилство (Преамбула, чл. 12).

Со оглед на фактот дека наведените теми директно ги засегаат и религијата и теологијата како неделив дел од македонското општество, сметаме за нужно да се произнесеме против ратификацијата на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство. Со таа цел, препорачуваме отворање на јавна дебата во врска со контроверзните прашања, која ќе има за цел да ги расветли посочените теми и проблеми.

Препознавајќи и подржувајќи ја потребата од спречување и ефективна борба против насилството врз жените и домашното насилство сметаме дека предложениот Предлог-закон за ратификација на оваа Конвенција, само ќе го измести фокусот од примарната цел на истиот и ќе доведе до значителни поделби во македонското општество. Укажувајќи на посочените аспекти од текстот на Конвенцијата се надеваме дека ќе го дадеме нашиот придонес кон вистинското вреднување на достоинството и честа на жената, создадена според Божјиот образ и подобие, со што ќе се вклучиме во благородната мисија на ефективно искоренување на насилството врз жените и на домашното насилство.“

АКО.мк