Прибе се ,,загрева“ во Охрид пред разговорите во Скопје за реформите и Акцискиот план за приближување кон ЕУ

 

Германскиот експерт, поранешен директор на Директоратот за проширување на ЕУ, Рајнхард Прибе,пред започнување на разговорите во Скопје во наредните денови, престојува во Охрид.

Тој од понеделник треба да дојде во Скопје на средби со владини претставници за итните реформски чекори, како и за акцискиот план на Владата за нивно спроведување. Мерките од Акцискиот план за отстранување на пречките за интеграција на Македонија во ЕУ ќе бидат презентирани и пред еврокомесарот Јоханес Хан, кој, исто така,  во понеделник доаѓа во Македонија.

Инаку, денеска одржа предавање пред учесниците на еднонеделната Школа на природно право, што во организација на Македонската академија на науки и уметности и на Амбасадата на САД во Македонија се одржува во Охрид.

Тој пред дваесет и петте магистранти и петте докторанти на правни и политички студии што се дел од школата, одржа предавање на тема „Демократијата, владеењето на правото и човековите слободи – важноста на демократските вредности за државите кандидатки за членство во ЕУ“.

– Задоволство ми е што сум тука во Охрид, да учествувам на Школата за природно право  и можноста да им пренесам на младите правници за европските интеграциски процеси и европските вредности што се предуслов за зачленување. Очекувам отворена дискусија со нив, се надевам дека ќе успеам на научна основа да им пренесам што значат европските интеграции, рече тој притоа одбивајќи да даде какви било изјави во врска со политичката состојба во земјата-рече Прибе пред присутните.