Прифатена кандидатурата на Габер-Дамјановска за Европски суд

Уставната судијка Наташа Габер-Дамјановска е прифатлив кандидат од Македонија за судија во Европскиот суд за човекови права, известува порталот Сведок.

Комитетот за избор на судии во Европскиот суд за човекови права кој вршеше интервјуа со кандидатите, му предлага на Парламентарното собрание на Советот на Европа, за судија од Македонија да ја избере Наташа Габер Дамјановска, која има повеќе гласови од вториот кандидат, обвинителот Јован Илиевски, дознава СВЕДОК од документите доставени до Парламентарното собрание.

Третиот кандидат амбасадорот во Ватикан Звонимир Јанкуловски, воопшто не се споменува во предлогот.

Во Извештајот што го објави Комитетот за избор на судии на Европскиот суд за човекови права, се вели дека состаноците на кои биле извршени интервјуата со кандидатите за судии биле направени на состанокот во Париз, на 29 и 30 септември 2016 година.

„Комитетот ги интервјуираше сите кандидати од Македонија на 30 септември 2016 година. Комитетот, со тесно мнозинство, ја препорачува г-ѓа Наташа Габер-Дамјановска, за судија во Европскиот суд, пред г-дин Јован Илиевски, како кандидат со поголеми квалификации“ – пишува во извештајот, до кој дојде СВЕДОК.

Комитетот за избор на судии на Европскиот суд за човекови права ги оценувал листите на
кандидати за судии на Судот од Азербејџан, Албанија, Унгарија, Грузија и Република Македонија кои ќе бидат избрани на есенската сесија во текот на наредната недела.

Уставната судијка Наташа Габер Дамјановска, неодамна издаде публикација во која ги објави сите одлуки на Уставниот суд, каде што таа имала различен став од мнозинството за важни прашања, како што се абортусот, образованието, аболицијата и својот став го пренела во „издвоено мислење“.

По изборот, македонскиот судија ја презема функцијата од 1 февруари 2017 година, кога истекува мандатот на сегашната судијка Мирјана Лазарова Трајковска.

Извор:svedok.org.mk