Продолжува кршењето на работничките права и нечовечкиот однос кон вработените во ВЕИБО ГРУП Крива Паланка

Од виртуелните инвестиции на Никола Груевски и ветените 5600 работни места во индустриската зона во Ранковце остана само изолирана празна ливада, два билборда до магистралниот пат и нула нови работни места.
Оние пак 230 работници кои беа преземени од бизнис партнерот Орце Камчев, секојдневно се жалат на кршење на работничките права и некоректниот и нечовечки однос од страна на одговорните лица во погонот во Крива Паланка.
Од вработени во фабриката дознаваме дека залудни  се повиците кон трудовата инспекција и останатите надлежни органи деновиве за прекувремена работа и скратување на основните права како што е паузата за појадок и слично.
– „Се откажавме од К-15, од 8 часовно работно време, од викенди од празници, но не можеме да го погазиме нашето достоинство некој да не споредува со целокупно животинско царство“, се жалат вработените за Ако.мк. Тие посочуваат дека работничките права се утврдени со закон и недозволиво е постојано да се заобиколуваат. Невозможно е наводните инвеститори да се богатат, а тие со 70 работни часа неделно да земаат минимална плата од 7.000 денари. Прашуваат каде е државниот инспекторат за труд на Р. Македонија да излезе и да направи увид во имплементацијата на законот за работни односи и кршењето на работничките права и бараат веднаш да се стави крај на ваквиот манипулаторски начин на однесување и да се врати достоинството на сите вработени во конфекциската индустрија.
Инаку, пред точно три години од власта на Никола Груевски на големо беше најавувана најновата инвестиција со 5.000 работни места на површина од 240.000 квадратни метри. Турско-кинескиот гигант ВЕИБО Груп оптимистички најави првично вложување на 180 милиони долари, а за 5 години да достигне инвестицијата  400 милиони долари.
Кога минуваш по патот од Ранковце до Крива Паланка се забележува дега започнале градежни работи на зоната и на патот,поставена е и табла за планираната фабрика и сё завршува на тоа. Според плановите на инвеститорите кои ги најавија во 2015 година , доколку се во можност да пронајдат соодветен персонал, вкупниот број на вработени во фабриката до крајот на годината требаше да дојде до 800 вработени, а до јуни 2016 година, се планираа 1.000 вработени. Спротивно на најавите,овде постојано се отпуштаат работници,85 работници останаа на улица за Нова година од кои повеќето жени,самохрани родители и лица кои буквално преживуваа со тие мизерни примања.
Недолго откако Веибо се појави на македонскиот пазар постојано е место на скандали,со мобинг врз вработените, прекувремена неплатена работа,отпуштање на бремени жени и навреди кон работниците.
Работниците кои се жалат на тортура, работат во погонот на ВЕИБО кој постои неколку години под името Веибо Гармент Продакшн и се наоѓа на влезот во Крива Паланка.
АКО.мк