Произведено е првото зелено вино во Македонија

Во Кавадарци е произведено првото вино со сина  и со зелена боја. По синото вино во Шпанија , произведено е првото зелено вино  не само во Македонија, туку и во светот, воопшто.
Неодамна  професорот Влатко Тасев од Кавадарци, се одлучи да направи новитет во винарската индустрија, да произведе зелено вино за гурмани. Вели дека идејата за производство на едно вакво вино ја имал уште пред десетина години кога во својата винска работилница создал сино и зелено вино, но не ги претставил во јавноста.
– „Виното го направив од грозје со најдобар квалитет, користев одбрани зрна и направив комплетно органско вино кое е вистинско  вино и по мирис и вкус,со карактеристики како оние кои ги имаат белите вина“, вели во интервју за АКО.МК, професор Тасев.
Ако.мк : Професоре пред извесен период бевме сведоци на шпанскиот изум за сино вино сега вие ни се претставувате со првото зелено вино во светот,од каде идејата да направите едно вакво вино?
Влатко Тасев: Потребата за нешто ново, желбата за експериментирање и огромната инспирација која ја имав , сето тоа резултираше да го креирам зеленото и синото вино во мојата работилница. Видов дека шпанците го промовираа синото вино и сметам дека добро е  кога  има новитети. Јас сега се одлучив да го промовирам и официјално ваквото вино, иако со еден мој колега пред скоро деценија експериментиравме во оваа област, мислевме, создававме, малку чудно и необично ама вредеше нашиот труд.
Ако.мк: Зошто зелено и како се добива оваа боја на виното и каков е всушност составот на ова вино? Како реагираат луѓето кога ќе ја видат оваа необична боја бидејќи навикнати сме да пиеме црвено, бело или розево?
Влатко Тасев: Всушност овде станува збор за промена на пигментот на виното кој е составен од природни материјали. Значи виното е такво какво што е направено и не му се менува ниту вкусот ниту пак мирисот. Се работи за мешавина од бели сорти, но за да ја добиеме оваа убава  боја, во неговиот состав има еден мал дел на црно грозје. И навистина, нормално е дека има многу коментари, но сепак луѓето се воодушевени кога ќе го видат и пробаат.
Ако.мк: Има ли некои од винариите да пројават интерес за ваквото вино,еве на пример да го откупат патентот за овој бренд или рецепт како сакате?
Влатко Тасев: Видете желбата да создавам нешто ново за некои е хоби, други велат мерак или пак љубов кон виното, сепак како и да е јас сакам да се занимавам со ова. Што се однесува за винариите и дали би го кажал рецептот,овде ќе кажам дека доаѓаат и мои пријатели да ме прашаат како ја правам мојата ракија, бараат рецепт, нормално ќе има кажам, ама сепак на крај останува нешто што може да се нарече и мала семејна тајна,нели?
Ако.мк: Каде би нашло свое место ова вино, со каква храна?
Влатко Тасев: Зеленото вино би ви го препорачал најмногу кога правите разни свечености, на пример кога имате прослава на родендени, кога знеме дека има десерти, па некако и најмногу одговара со тоа,  а секако и во секоја прилика каде се служи белото вино. Еве да кажам, ова е всушност бело неутрално вино кое има мала доза на сортата мускат за поголема арома.
                          
Ако.мк: – Произведовте зелено вино, но Вие, кое вино го преферирате?
Влатко Тасев: Секој вид на вино си има посебна приказна,посебно место на трпезата. Ние сме си по традицијата, а ваквите мали изуми не треба да значи дека може да се наштети на винската приказна која кај нас датира со векови, напротив. Сепак овде станува збор за практицирање на една голема наука и тоа е предност, а не недостаток.
Ако.мк: Освен вино со зелена и сина боја, по што друго сте препознатливи, правите ли и други производи од грозје?
Влатко Тасев: Не би сакал да го користам просторот за сберекламирање, но ќе кажам дека  сум специјалист  да произведам добра ракија, која според сите оние кои досега ја пробале е совршена.Но, да се разбереме сепак станува збор за мала количина,за душа што би рекле. Сметам дека оваа работа ме исполнува и дека нема никогаш да престанам со производство на квалитетни пијалоци од грозје. Тоа е мојот сон и мојот мотив за нови успеси во иднина.
Ако.мк: Има ли интерес кај граѓаните за зеленото или за синото вино?
Влатко Тасев: Морам да кажам дека мои роднини и пријатели кои ја следат мојата работа доаѓаат на дегустација.Сите залихи кои ги имав произведено минатата година веќе се потрошени, сега за нови количини чекам ново вино од оваа реколта,па повторно ќе го наполниме винскиот подрум.
Билјана Н. Тошевски