Промовирана монографијата ,,Светлана Антоновска-македонската челична дама“

 

 

Вчеравечер, Салонот 19:19 и неговиот хол беа претесни за да ги соберат сите почитувачи на ликот и делото на истакнатиот општественик, политичар, статистичар и научник Светлана Антоновска, коишто присуствуваа на одбележувањето на 65-годишнината од нејзиното раѓање и  една година од нејзиното физичко заминување – промоцијата на монографијата „Светлана Антоновска – македонската челична дама“. А меѓу нив беа академици, универзитетски професори, дипломати, статистичари, уметници, некогашни младинци…

„Денес се случува важен настан за колективната меморија на нашето општество, бидејќи објавувањето и промовирањето на монографија за личност од форматот на Светлана Антоновска е чин на исполнување на една морална обврска, којашто не ја имаат само главните двигатели на овој проект – нејзините најблиски, туку ја има и нашата држава… ја имаме и сите ние коишто сме ја имале честа да ги посведочиме илјадниците круцијални мигови кога Антоновска на само нејзе својствен начин знаеше да одговори на предизвиците. Обврска којашто и државата и ние ја имаме не само пред македонската челична дама, туку и пред историјата и пред новите генерации коишто треба да имаат сознание за личноста-модел на општествено одговорен граѓанин и професионалец. Светлана Антоновска е име, коешто за многумина е синоним на авангардноста во нивната младост, но и име коешто е синоним на македонската статистика… Име на првиот предводник на процесот на трансформација на македонската статистика и на втемелувач на европските стандарди во неа“ – беше истакнато во поздравното слово упатено од в.д. директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

Промотори на монографијата беа поетот Ристо Лазаров, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова и гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Димитар Богов.

„Вечерашниве сеќавања, верувам, сите заедно ги чувствуваме како уште една средба со светлиот лик на Светлана, со нејзиното врвно познавање на логаритамската таблица на животот и на чекорењето напред. Светлото име на Светлана се пишува во идно време“ – истакна меѓу другото поетот Лазаров.

„Најтешко ми е кога за некој како Светлана треба да кажам неколку реченици. Се плашам скудниот збор да не ја замагли светлината на сувереното знаење, интегритет и добрина што ја ширеше и што ја остави зад себе. Сега, со објавувањето на оваа монографија се појави како комета, зошто толку многу различни профили на луѓе, ширум светот ја носат во своите мисли и срца и говорат за неа. Имав среќа да ја запознам непосредно пред пописот во 1994 година. Докажа дека е статистичар, а не политичар. Спроведе европски попис во балкански амбиент“ – потенцира проф. д-р Сиљановска-Давкова во нејзината беседа во којашто меѓу другото беше истакнато: „За жал, 15 години по контраверзниот попис во 2002, македонските политичари не ја научија лекцијата дека пописот е статистика, а не етно-политика. Без статистички податоци нема политики кои креираат јавна вредност, туку само инструментализирана игра на измислени и замислени бројки. Светлана би рекла: ’Ни треба попис по стандардите на Евростат!’“

На вонсериски посетената промоција, стихови за Антоновска интерпретираше актерот Благој Чоревски, а музичката програма ја реализираа Христо Стојаноски и Пламенка Трајковска. Беше прикажан и видеопортрет на Антоновска, којшто предизвика бројни емотивни реакции кај присутните. Во завршницата на промоцијата се обрати и авторот на текстот и главен редактор на монографијата, Иван Антоновски.