Работниците на неготинската фабрика за кабли останаа и без работа и без плати

Речиси два месеца околу 118 вработени во неготинската Фабрика за кабли ,чекаат повторно да се вратат на работа . Во  септември од страна на раководството им било соопштено дека еден месец ќе одмораат, но дека набрзо ќе се вратат на работа.
Неизвесноста се уште трае иако тогаш, пред повеќе од два месеца,  за медиумите од страна на раководството од Бугарија беше соопштено дека работат на надминување на финансиските проблеми, како и  рестартирање на  производниот процес.  Оттаму одлучиле 118 –те вработени да ги испратат на колективен одмор со исплата на 70 % од платата, но бидејќи работите не оделе според планираното, договорите на работниците не им биле продолжени.
-„Засега не можеме да кажеме како ќе се одвиваат работите во иднина, но се надеваме дека ќе се надминат проблемите, наша цел е  фабриката повторно да работи“,-рекоа тогаш раководителите на  фабриката.
Дел од вработените со кои разговаравме за Ако.мк велат дека, на 5 август добиле вакви решенија, а им било кажано дека на 8- ми септември повторно ќе бидат повикани на работа. Наместо тоа , тие биле известени дека им се раскинати договорите и дека за еден до два месеца повторно ќе бидат повикани.
%d0%ba%d0%b0%d0%b1%d0%bb%d0%b8%d0%ba%d0%b0%d0%b1%d0%b5%d0%bb
Од работниците дознаваме дека фирмата им должи за три неисплатени плати за оваа година, а не им се исплатени и придонесите за 5 месеци за 2015 и 2014 година. Работниците беа ангажирани за производство на кабли од разни профили, а извозот претежно се одвиваше на пазарите во Косово, Бугарија, Србија и Германија.
Фабриката за кабли во Неготино е изградена во далечната 1968 година и важеше за една од најголемите и најпрофитабилните фабрики во поранешна Југославија, со околу илјада вработени, на површина од 25.000 метри. Од тој период па до денес овде настанаа многу турбулентни промени во поглед на сопственоста.
Во периодот на најдобрите години во фабриката во Неготино во тогашната гимназија имаше и посебно стручно образование со три и четири години за потребите на работници од оваа област. Голготата на работниците на некогаш најголемата фабрика за производство на кабли започна пред 16- ина години кога тогашната фабрика 9-ти Мај од АД во сопственост на мали акционери, управувачкиот пакет го презеде германската фирма Алскоп од Франкфурт со ветување за зголемување на производството, отворање на нови пазари за пласман, нови инвестиции и без отпуштање на работници.И во тој период имаше превирање и незадоволство од страна на отпуштените работници и малите акционери со сомнеж дека во изминатиот период се работело криминално.
-„Освен што има криминал има и некој кој го затскрива овој голем и со години долг криминал“-посочуваше уште пред повеќе од три години Младен Јанев, претседател на Здружението на мали акционери во фабриката.
Пред 6 години од страна на бугарски бизнисмен преку компанијата МЕГА ЕЛ е направена скандалозна трансформација и преземање на  мнозинство од акциите во неготинската фабрика со купопродажна обврска за инвестициски трошоци кои треба да им ги исплати на претходните сопственици од околу милион и пол евра. Бугарската фирма, фабриката ја наследи со околу 500 работници, но наместо да ги исполни своите обврски, бугарскиот инвеститор, го пререгистрирал акционерското друштво, го префрлил целиот имот на нова фирма и остави на работа само околу 100-тина вработени.
Инаку Акционерското друштво Фабрика за кабли – Неготино на 24 јануари 2011 отиде во стечај. Тогаш претседателот на Здружението на мали акционери во фабриката, Младен Јанев излезе во јавност со прашање зошто Владата не им вети на оштетените работници дека целосно ќе го разоткрие долгогодишниот криминал во фабриката, извршителите, но и оние кои помагале или со години молчеле, судството, обвинителството и полицијата. Акционерите, според Јанев, одамна предупредувале на планот на менаџерите за избегнување на обврските кон доверителите и работниците.
Во април 2010 година Фабриката за кабли ФКН ДООЕЛ „Неготино“ станала доминантен доверител во Фабриката за кабли АД „Неготино“ во стечај, а во јуни 2010 година е донесен заклучок за продажба на нејзин недвижен имот. Тогаш како единствен понудувач, се јавила ФКН ДООЕЛ „Неготино“ и купила се што било ставено под хипотека. Подоцна Апелацискиот суд во Скопје донесе решение со кое имотот повторно стана сопственост на Фабриката за кабли АД „Неготино“ во стечај. Но, и покрај тоа, Фабриката за кабли ФКН ДООЕЛ „Неготино“ продолжи да стопанисува со недвижниот имот на Фабриката за кабли АД „Неготино“ во стечај.
По овие неверојатно матни зделки, останува неизвесна судбината уште на преостанатите стотина работници  на  некогаш најголемиот производител за кабли на овие простори .
Билјана Н.Тошевски