Публикацијата која  е дел од проектот „Истражувачко новинарство – чувар на демократијата и човековите права“  финансиран од Европската Унија и кофинансиран од Британската амбасада во Скопје, a го имплементираат Центарот за управување со промени и Институтот за човекови права, покажува поразителни резултати за состојбата во македонското новинарство и медиумите.

 

Резултатите од истражувањето недвосмислено покажуваат дека довербата на граѓаните во нашите медиуми е сериозно разнишана. Анализата на одговорите на прашалникот ги открива главните причини за ниската довербата на граѓаните во медиумите и новинарството во земјата. Недовербата кон медиумите, главно, произлегува од негативниот имиџ на многу влијателни медиуми (со ретки исклучоци меѓу медиумите кои уживаат доверба кај граѓаните), како и лошото поведение на одредени новинари кои според најголемиот број испитаници:

– се корумпирани (за 52,4 % од граѓаните постои корупција во медиумите, а за 28 % корумпирани се само некои новинари);

– вршат политичка пропаганда (66,3 % од граѓаните мислат дека ова е општа појава во медиумите, а 17,4 % дека тоа го прават само некои медиуми);

– клеветат (50,4 % од граѓаните сметаат дека само некои новинари клеветат, а 29,7 %
дека сите медиуми го прават тоа);

Резултатите од ова истражување потврдија дека јавниот сервис има исклучително
ниска гледаност и доверба кај граѓаните. Ако се земе предвид дека најголемиот број
граѓани за најбитните општествени теми се информираат од вестите на телевизијата
(ТВ-дневниците), тогаш податокот за нискиот рејтинг на програмските сервиси на Ма-
кедонската радио телевизија треба да се сфати многу сериозно, затоа што со ваков
јавен сервис очигледно е дека во земјава не постои влијателен јавен медиум преку
кој граѓаните на објективен начин ќе се информираат за официјалната државна по-
литика.

Генералната цел на овој проект е јакнење на медиумите и граѓанските организации и овозможување на амбиент за остварување на слободата на изразување и медиумскиот интегритет како клучен елемент за понатамошна поддршка на државата во процесот на пристапување кон Европската Унија.

Слободата на изразување е базично право во западната демократија и директно е поврзано со слободата и отвореноста на медиумите, но и нивниот интегритет односно способноста да нудат објективна и аналитичка информација. Во основа на ваквата информација е квалитетното новинарство, особено истражувачкото новинарство како најелитен вид новинарство. Во поновата историја, истражувачкото новинарство често придонесува за соборување влади, апсење политичари, донесување закони, разоткривање грешки во работата на правосудството и слично, а резултатите од ова новинарство скоро секогаш биле оценувани како општествено корисни.

Кај нас години наназад слободата на медиумите е една од областите каде Европската комисија и американскиот Стејт департмент, исто така, констатираат значителни проблеми кои претставуваат пречка на земјата во нејзиниот демократски развој и евроатланско интегрирање. Втора година по ред „Фридом хаус“ ја рангира земјава во групата на „неслободни“особено во сегментот на слободата на медиумите. Тоа е аларм за сите засегнати страни да започнат со реализација на суштински промени во оваа сфера, се вели во ова истражување.
.

Линк до целата Публикација