Рај(Х)от на Груевски и на Иванов

 

  Македонија си има свои самопрогласени султан и цар и без референдум и промена на Уставот. Султанот Ѓорге Иванов во својот рај на Водно каде го посетуваат само избрани од фамилијата кога треба да му дадат доза совети, потоа носи одлуки кои не се само надвор од здрав разум, туку  немаат ниту уставно, ниту законско покритие. Тој едноставно ќе објави султански проглас дека не го дава мандатот и го чува како Светиот грал од кој пијат против уроци и предавници, а неговиот нектар им дава неограничена моќ, власт и слобода, се разбира.

 

Да бидеме прецизни, Ѓорге Иванов не само што не е дораснат да биде Претседател на држава и на сите граѓани во неа, туку тој треба да одговара за злоупотреба на службената положба.

Тој секој ден, во секој поглед и со секоја изјава напредува во  кршење на Уставот, поделба меѓу граѓаните и изолација на земјата, фрлајќи отровни стрели кон сите што ја загрозуваат неговата и позицијата на неговиот ментор Никола Груевски. Дури, со потезите што ги прави, Иванов повеќе се грижи дали ќе се спаси Груевски, отколку тој самиот, бидејќи неговите постапки направени за спас на ,,спасителот“ на татковината се веќе конкретни дела за конкретни кривични пријави.

Последното интервју на Ѓорге Иванов за австрискиот  ,,Wiener Zeiting“, како Претседател на РМ, само ја бетонира неговата зрела позиција да одговара за повеќе кривични дела, бидејќи свесно, но противуставно ја држи земјата и нејзините граѓани во општа опасност од судири, меѓународна изолација и поткопување на целокупниот правен и институционален систем. Впрочем, многумина од правната фела предупредија дека Иванов носи одлуки кои не се базираат ниту на Устав , ниту пак на закони, кои пак ги дерогираше до ниво на тоалетна хартија. Ако се земат предвид информациите дека за недоделувањето мандат негови советници се брачниот пар Филимена и Михајло Маневски, тогаш неговата одговорност е уште поголема затоа што дозволил да биде маша во рацете на еден фамилијарно-пријателски комплот кој изминатите години заради сопствени, лични, мајчински, братучедски и бизнис интереси ја сведоа цела Македонија на фамилијарна подружница со неограничена моќ и никаква одговорност.

Контрадикторноста во која запаѓа Ѓорге Иванов со секој изговорен збор, говори дека тој е или под силен притисок или навистина е заскитан на местото Претседател на РМ, за жал, што е уште пострашно и долгорочно исто така погубно, професор на Правен факултет. Несфатливо е како професорот по политички науки, чија специјалност биле граѓанското општество, демократијата, потоа бил раководител на ТЕМПУС програмата финансирана од ЕУ, бил член на УО на Сорос фондацијата, сега застапува тврди, дури ригидни ставови кон сите овие прашања и секојдневно паѓа на испит по демократија и политички односи.

Зборот ИМПОТЕНТЕН во својата суштина значи истоштен, немоќен, неспособен, опаднат, а вообичаено се користи или пак асоцира на сексуално немоќна, односно импотентна личност. За Ѓорге Иванов Европска Унија е-импотентна. Тој за декларираните стратешки партнери на Македонија во гореспомнатото интервју вели:-,,ЕУ е импотентна и без моќ. Америка не е онаа Америка што беше. Мислам дека времињата на Пакс Американа изминаа. Отогаш чекаме на Пакс Еуропа, но без успех“- вели македонскиот Претседател и веднаш потоа додава-,,Македонија нема поинаква стратешка цел, освен ЕУ и НАТО“?! Па побогу, претседателе, што бараме со импотентни и неспособни чие време изминало? Та нели ние сме државиште?!

Но, тамам ќе помисли човек дека нема ништо поконтроверзно од Ѓорге Иванов, тој и ќе ве увери во тоа, да не ви текне да се посомневате. Тој вели-Заев е пион на ЕУ и САД кои вложиле многу во него, но тој не е дораснат за улогата што му ја дале, па сега се разочарани. А и тој, Иванов е разочаран од нив и тоа многу, затоа што се мешале во македонските работи и не ја осудиле Тиранската платформа, која пак го поништила Пржинскиот договор.

ЕУ и Америка како една од стожерите на НАТО, кон кои нели безалтернативно се стремиме и со години прилагодуваме и се обидуваме да ги примениме или прифатиме нивните закони и стандарди, според Ѓ. И. ни се мешаат, но според него, Русија не се меша . Таа само ги искажува своите легитимни ставови, а тие се-директна и безрезервна поддршка за ВМРО ДПМНЕ и Груевски .

Ете тоа е таа ,,државничка“ и политичка логика на познат по разумни компромиси македонски Претседател Ѓорге Иванов. Нема ништо поглупаво од глупост, исто како што нели нема ништо поуспешно од успех.

На самопрогласениот македонски цар пак, Никола Груевски кој си самододели законски привилегии на наша сметка толку години колку што бил Премиер, конфузниот, но опасен Иванов, му внесе немир во неговиот РАЈХ(царство) и тоа на еден од најголемите, семејни христијански празници, Велигден.

Што му требаше толку децидно да го каже следното, во тоа истото, разголувачко до коска интервју -,,Да бидам попрецизен, коалицијата всушност беше договорена(ВМРО ДПМНЕ-ДУИ). Но, во последниот час имаше телефонски повик и коалицијата се распадна“.

Рече Иванов. Попрецизно, здравје.

Туку, не знам како ова ќе се одрази на неговото здравје и на тие што веројатно мирните празнични денови ги искористиле да му дадат дополнителна доза совети, посебно на повозрасните меѓу нив.

Но, да не бидеме лицемерни со грижата кон тие што ни го одземаат и мирот и здравјето.

Исто така, како што Али Ахмети не гледа светло на крајот од тунелот, за чиј мрак во голема мера тој лично е виновен и одговорен, и јас се помалку имам желба да ги читам соопштенијата на СДСМ во кои катадневно не уверуваат дека нова Влада ќе има, согласно законите и Уставот.

Додека чекаме животот да дојде, за жал тој полека изминува.

Нефризираните и нафатираните мува не ги лази за народот и за Република Македонија кои од уста не ги вадат. Пукаат од привилегии.

Тие внатре, народот надвор. Тие во црни автомобили, народот на трактори. Тие во кожни фотелји платени од народот, народот на трева во Жена парк. Тие на пауза низ трговските центри и кафулињата, народот на зелените пазари, зад тезгите. Тие на Халкидики за викенди и празници, народот патриотски во домашен амбиент.

Ниту рајот е  за Иванов, ниту Македонија е рајхот(царството) на Груевски. Колку побрзо се помират со тие факти, толку подобро за народот.

Народот се и оние што не ги гледате сега на улиците. И тоа многу, многу побројни од ,,вашиот“ народ. Колку и да го игнорирате и колку и да не ви се допаѓа тоа.

Затоа, не зборувајте веќе во ИМЕ на НАРОДОТ.

НИЕ, народот, не сме ви го дале тоа право!

 

Емилија Лазаревска