Резолуција на македонски организации од Австралија против прослава на заедничка историја со Бугарија(видео)

Резолуција против прослава на „Заедничка историја со Бугарија“ беше донесена и прочитана во  Мелбурн, каде  се одржа отворено Собрание со претставници на македонски организации во Социјалниот клуб – Престон. Како што известува порталот Фаланга, ,,иако Договорот во Македонија се чува како строго доверлив до потпишувањето, сепак јавно беше кажано дека дел од Договорот содржи прослава на заедничка историја на Македонија и Бугарија  на денот на Илинденското Востание и најава за промена на некои навредливи термини во учебниците за историја“. Членовите на овие клубови се против ова и затоа донесоа Резолуција која е испратена до сите поважни институции во Македонија.

РЕЗОЛУЦИЈА

Ние, Македонците и претставниците на македонските организации во Викторија и Австралија огорчени и крајно разочарани од евтината распродажба на националните македонски интереси, вечерва се собравме да ги разгледаме последните најави, предлози и активности на Владата на Македонија при посетата на Бугарија.

Имено, во втората половина на јуни во Софија имаше заедничко полагање на венци на премиерот Зоран Заев и премиерот Бојко Борисов пред споменикот на Цар Самуил на кој пишува “Самуил цар на Бугарија” и изјава на нашиот премиер дека „ние сме братски народ, един и сшч народ”, изјава дека ќе има промени во учебниците за историја на Македонија итн.

Заради горе наведените активности и тајноста на Договорот ние, Македонците, од Австралија сме огорчени, понижени, деградирани и национално обезличени затоа што со овие иницијативи бескруполозно и темелно се разниша историјата на Македонскиот народ со изјавата на премиерот на Македонија  за заедничка прослава на Илинденското востание со Бугарија. Илинденското востание не смее да биде предмет за пазарење затоа што во душата на секој Македонец гори Илинденскиот оган кој ја зафати целокупна етничка Македонија од Сандански, Петрич, Гоце Делчев, Драма, Кавала, Воден, Костур, Лерин, Битола, Крушево, Охрид, Велес, Скопје, Штип, Струмица и други места на етничка Македонија. Тогаш, во 1903 год, се потврди уште еднаш националната и етничка посебност на Македонскиот народ и се потврди државотворноста со создавањето  на Македонската Република (Крушевска Република). Овај подвиг, ова дело се потврди и на 2 Август 1944 год во Прохор Пчињски кога се ослободи Република Македонија од окупацијата на фашистичка Бугарија.

Затоа бараме од горенаведените институции:

Прво, безусловно ја отфрламе намерата на премиерот на Македонија г. Зоран Заев да започни прослава на „заедничка историја” со Бугарија, прослава на Илинденското востание, промена на учебниците по историја и потпишување на договор каде што нема да стои името на Македонскиот јазик туку ќе стои „Уставниот јазик на Р. Македонија.

Второ, Бугарија да го признае Македонскиот народ и Македонскиот јазик на Република Македонија и да ги признае етничките Македонци од Пиринска Македонија во Бугарија.
Трето, прифаќаме заедничко одбележување на востанието на Македонскиот народ од 11 Октомври 1941 год против бугарскиот фашизам и заедничка прослава на 2 Август 1944 година, денот на создавањето на Република Македонија. Заедничко чествување и полагање на венци во Пелинце (Прохор Пчински), Ваташа или пред споменикот на Методија Андонов – Ченто, притоа премиерот на Бугарија да се обрати до Македонскиот народ со почит и достоинство. Бараме да и се извини Бугарија на Република Македонија за нанесените материјални штети и човечки злосторства за време на фашистичката окупација и да исплати оштета (репарација) од 1941 – 1944 година.

Четврто, ја осудуваме  трилатералната средба на Грција, Србија и Бугарија одржана во Солун без присуство на Македонија која кажува дека нивните вековни инспирации и ставови кон Македонија воопшто не се променети.

Петто, бараме да се прекинат разговорите/преговорите со Грција за името на Македонија и под итно да се испрати барање од Владата на Македонија и претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов до ОН за анулирање на привременото и нелегално име ПЈРМ и да се продолжи членството на Република Македонија под уставното име. Меѓународен легитимитет државата стекнува со меѓународно политичко признавање од други држави и воспоставување на дипломатски односи со нив. Република Македонија ги исполнува сите услови за членка на ОН под уставното име а доказ за тоа е признанието од над 130 држави во светот кои се членки на ОН.