Ременски ќе донира плата за семејството од село Враготурце кое остана без ветената државна помош

,,Суровата реалност за семејството од с. Враготурце, Старо Нагоричане, кумановско и за жал и денес е актуелна.
Помина без малку една година откако ги посетив во непристапниот предел со малку жители. Тогаш зедов за обврска дека ќе направам се, заедно со хуманите луѓе и организации, да му помогнеме на Новко и неговото семејство да добие облека, ќeбиња и доволно храна да ја поминат зимата. Благодарение на Црвениот Крст и нивните екипи кои веднаш се одзваа на повикот за помош и дополнителна помош, екипи на Црвениот Крст со теренско возило ја предадоа помошта, која верувам не беше доволна за семејстото и децата на Новко.
Скромните средства што ги добиваат од Центарот за социјални работи – Куманово и оддалеченоста на ова планинско село се потполно недоволни за задоволување на основните потреби на ова семејство. Дополнително што станува збор за семејство со слабовидни деца за кои е потребна посебна специјална нега, грижа и посебни образовни потреби.
Во пресрет на зимата и нерешениот проблем на семејството, чувствувам морална и граѓанска одговорност да повикам да му се помогне!
Јас како пратеник во Собранието на РМ ќе ја донирам пратеничката плата за сместување на семејството во Старо Нагоричане како најблиско место за Новко и неговите деца до нивните потреби.
Дополнително ќе мотивирам неколку НВО, заедно со нашите хумани граѓани да обезбедиме средства (покуќнина, облека, храна, лекови и др.), за да му помогнеме на ова семејство на кое му е потребна нашата помош.
Знам дека има многу хумани луѓе во РМ и горда сум на нив, зошто знам дека ќе успееме да му помогнеме и на Новко !“-напиша пратеничката Фросина Ременски на својот ФБ профил.

Порталот СДСК пред неколку денови објави текст во кој потсети дека семејството Младеновски остана без ветената помош кога Ременски беше министерка.

Поранешната министерка за труд и социјална политика Фросина Ременски го посети ова семејството додека беше во опозиција и најави дека кога ќе дојдат на власт ќе им дадат социјален стан, но актуелната министерка Мила Царовска не мисли така. Таа смета дека семејството ја прима сета помош од Министерството за труд и социјална политика и не може да добие стан, бидејќи има дом.

„Целосно сум запознаена со случајот и додека бевме во опозиција јас комуницирав со семејството. Тие ги примаат сите права што им следуваат согласно законот. Единствено што може да се направи е да се плати превоз. Ние разговаравме за тоа, но тоа семејство бара стан во Куманово. Да има станови или куќи, ние тоа може да го обезбедиме, но да обезбедите стан или куќа за лице што веќе има дом, а притоа имаме толку многу граѓани што се бездомни, мислам дека системот би постапил нефер. Тоа што може системот да го направи за ова семејство е направено, превозот треба да го изменаџира Општината“, изјави Царовска.

Наспроти оваа изјава, Новко Младеновски тврди дека трите собички од 36 квадрати се на име на дедо му, а за нив постојат 12 наследници. Една од тетките и брат му најавиле дека сакаат по една од собите, па за него и децата останува собичка од 12 квадрати.