Родителите прават грубо кршење на правaтa на детето во ОУ ,,Тоде Хаџи Тефов“ во Кавадарци

Од Центарот за социјани работи Кавадарци реагираат  дека од страна на родителите на децата од прво одделение во ОУ ,,Тоде Хаџи Тефов“ во Кавадраци, кои побараа отстранување на еден ученик заради наводно асоцијално однесување,  е направено грубо кршење на правата и интересите на детето. Тие со дискриминирачки тон во однос на неговиот статус како дете во ризик, бараат   да се спречи законски дозволената инклузија на овие деца во образовниот процес и нивното право на образование, се вели во реакцијата.

„Преку ваквиот начин на реагирање се воочува загрижувачко отфрлање на посебно ранливи групи на деца, кои од  било какви причини се нашле во положба на социјален ризик,а за кои целата општествена заедница е должна да им помогне, подавајќи им рака да излезат од ваквата ситуација“ пишува во писмената реакција од Центарот за социјални работи Кавадарци.

И од таму, но и од училиштето тврдат дека имаат постојана соработка и се преземаат соодветни мерки за овој случај, но досега не е регистриран сериозен конфликт или инцидент меѓу посоченото дете и другите ученици. Се објаснува дека со започнувањето на учебната година и вклучувањето на детето во образовниот процес, меѓу стручните лица од центарот и училиштето има солидна и континуирана соработка. 

Од основното училиште каде учи детето со социјален ризик, информираат дека вчера, по реакцијата на родителите во медиумите дека ќе го бојкотираат вториот круг од локалните избори и нема да дозволат гласање во просториите на училиштето, веднаш е свикан заеднички состанок на кој присуствувале сите засегнати страни.

Укажано е дека проблемот ќе биде разгледан од страна на училишните органи и ќе се донесе одлука која ќе биде  во интерес на посочениот ученик, но и  на останатите ученици и на нивните родители. 

,,Апелираме, училиштето да не биде злоупотребувано и да не се користи за насоки и активности кои не се дел од воспитно – образовниот процес на учениците. Училиштето е институција во која учениците се стекнуваат со знаења, вештини и способности, се учат на еднаквост, недискриминација без разлика на пол, боја, етничка, верска или друпа припадност“– пишува во реакцијата од училиштето.

Родителите вчера со допис до медиумите се пожалија дека ,,подолг период нивните деца, првооделенци кои се на возраст од шест години се психички и физички малтретирани од нивен соученик, кој е на 9 годишна возраст и е дел од нивното одделение“.

Родителите тврдеа дека две деца имале и посериозни повреди. Според нив, пробелематичниот ученик,  им ги оштетувал учебниците и училишниот прибор на другите деца.