Румен Радев е нов претседател на Бугарија

Румен Георгиев Радев е новиот претседател на Бугарија. Тој победи со значителна предност пред кандидатот на владејачката партија ГЕРБ, Цецка Цачева.

Според првите неофицијални резултати, во вториот круг Радев освои 58,1 отсто од гласовите, а Цачева 35 отсто.

Тој е поранешен командант на воено-воздушните сили, а сега ќе биде претседател на државата и Врховен командант на вооружениет сили на Бугарија.

Во предизборната трка Радев испрати сериозни пораки поврзани со промени во националната безбедност, како и за независната надворешна политика на Бугарија. Тој вели дека Бугарија треба да се ослободи од својот сателитски синдром.

Новиот претседател Румен Радев ќе ја презеде функцијата во јануари и вети дека ќе работи на обединување на нацијата.

За време на кампањата Радев изјави дека ќе инсистира на побрзо потпишување на договорот за добрососедство со Македонија.

Румен Радев е роден на 18 јуни 1963 година во Димитровград. Во 1982 година, тој дипломирал на математичкиот факултет во Хасково со најдобар успех. Дипломирал на тема бугарските воздухопловни сили,а во 1992 година заминал на додипломски студии на Универзитетот „Максвел” во САД. Тој е доктор по воени науки во областа на подобрување на тактичката обука на екипажот за летање и симулација на борба во воздух.

Во август 2016 година, опозициската Бугарска социјалистичка партија и Алтернативата за бугарската обнова (АПР) официјално го номинираа Радев како кандидат за претседателските избори.

Актуелниот премиер Бојко Борисов чија партија ГЕРБ ја номинираа Цецка Цачева за претседателската трка, пред вториот круг избори најави дека ако таа не победи, тој ќе поднесе оставка и ќе распише предвремени парламентарни избори.