САД ја зголемија квотата за работни визи H-2B за сезонски работници во туристичкиот и друг бизнис сектор

На американските бизниси им се потребни повеќе странски работници

На Соединетите Американски Држави им требаат повеќе странски работници за да ги одржат американските бизниси, стои во образложението на одлуката објавена од страна на официјалните претставници на САД во понеделникот.

Одделот за домашна безбедност соопшти дека ќе обезбеди 15 илјади дополнителни H-2B визи кои ќе бидат ставени на располагање на компаниите да ангажираат привремени, неземјоделски странски работници пред крајот на фискалната година на 30-ти септември.

Во писмената изјава, секретарот на одделот Џон Кели, го нарече ваквиот потег „еднократен пораст“.

За да се ангажираат странски работници преку програмата за неимигрантска виза, компаниите мора да покажат дека нема доволно американски работници „способни, подготвени, квалификувани и достапни“ за работните места.

Програмата H-2B е ограничена на 66 илјади нови визи годишно, од кои 33 илјади се резервирани за работници кои се ангажирани во текот на првата половина од фискалната година (од 1 октомври до 31 март), а остатокот се за втората половина (1 април – 30 септември).

Меѓутоа, од 2015 година, на некои повратници им беше дозволено да работат надвор од квотите, зголемувајќи го бројот на визите H-2B издадени минатата година на речиси 85 илјади, според податоците на Стејт Департментот.

Но, Конгресот не го обнови исклучокот за повратниците кога истече минатата есен, со што беше намален бројот на расположливи визи. Бизнисите кои се потпираат најмногу на сезонските работници, како што е туристичката индустрија, велат дека имале проблем да ги пополнат слободните работни места.

Според високи претставници на Одделот, компаниите ќе бидат во можност да поднесат петиција за дополнителните визи кога правилникот ќе биде објавен во генералниот регистар подоцна оваа недела.

Визната програма H-2B ја користел и самиот претседател Доналд Трамп, за дел од вработените во својот приватен клуб во Флорида.

Извор:Глас на Америка