Само реми за македонската репрезентација против Албанија

 

Македонската фудбалска репрезентација во рамките на квалификациите за Светското првенство во Русија, вечерва во Струмица одигра 1-1 (0-0) со Албанија. Според прикажаното на стадионот Младост, избраниците на селекторот Игор Ангеловски треба да жалат за пропуштените шанси уште неколку пати да ја затресат мрежата на противникот.

По целосната доминација што ја имавме во првото полувреме, во 53 минути ,по првата закана на гостите се затресе мрежата на Димитриевски. Садику центрираше, топката ја начека на втора статива Одисе Роши и со глава дијагонално го совлада нашиот голман за 0-1 . Репрезентацијата на Македонија успеа да изедначи во 73 минута од пенал кој го реализираше нововлезениот Трајковски.  Претходно, при еден удар со глава на Ристовски, топката заврши во раката на Хисај, по што судијата Јохансон покажа на белата точка. До крајот на мечот Алоиски  во 84. минута биеше прецизно кон голот на Албанија, Бериша го спаси својот тим, а потоа одбрани на фантастичен начин и во ударот на Несторовски.

На 6 октомври нашата селекција гостува кај Италија во дуелот од претпоследното коло од групата

На останатите две средби од нашата група, Италија го совлада Израел со 1-0, додека Шпанија со 8-0 на гости го совлада Лихтенштајн.

Табела: Шпанија 22 бода, Италија 19, Албанија 13, Израел 9, Македонија 7 и Лихтенштајн 0.