Сведок: Скандалозно-Рахилка Стојковска од кадар на Михајло Маневски до реформатор на УБК

Врховната судијка Рахилка Стојковска, која во времето на ВМРО ДПМНЕ експресно изгради кариера, од вработена во министерството за правда како соработничка на Михајло Маневска до судијка на Управниот и Врховниот суд, сега со одлука на Владата на СДСМ и ДУИ ќе ја реформира Управата за безбедност и разузнавање (УБК), пишува порталот Сведок.

Владата пред неколку дена формираше работна група составена дури од 29 луѓе кои ќе треба да ја реформираат УБК според препораките на Прибе, каде што има серија забелешки за незаконското следење на комуникациите.

Комисијата ќе ја води екс министерот за внатрешни работи и агент на ЦИА, Сиљан Аврамовски од Министерството за внатрешни работи, а на списокот има луѓе и од други органи, меѓу нив и Врховната судијка Рахилка Стојковска, која како судија на Врховниот суд има стаж од само една година и никогаш не работела кривична материја или нешто поврзано со безбедносните служби претходно.

Од министерството за правда во времето на Михајло Маневски, Стојковска беше избрана за судија на Управниот суд, беше и во трка за претседател, но во последен момент, пред точно една година Судскиот совет на чело со Зоран Караџоски ја унапреди во Врховниот суд, избирајќи ја да суди во Граѓанскиот оддел на Врховниот суд, како најдобра од пријавените кандидати, иако Рахилка Стојковска беше управен, а не граѓански судија.

Но, по нејзиниот избор во Врховен и доаѓањето на Јово Вангеловски за претседател, Стојковска стана џокер во Кривичниот оддел, која ги аминува сите спорни одлуки за кои се крена сериозна прашина во јавноста.

За да има доминација во кривичниот совет од 5 члена, Јово Вангеловски прво ја премести Лидија Неделкова од кривично и на нејзино место ја донесе Лидија Тасева, за по кратко време да ја смени и нејзе бидејќи не се согласувала со неговите „правни“ ставови, па џокерското трето место во советот го пополни со Рахилка Стојковска, која, како што веќе објаснивме не работела никогаш кривично.

На ваков начин, Јово Вангеловски си ги туркаше одлуките како БЗЗ-то за Сеат Кочан или јавните седници за поголемите судски случаи, знаејќи дека секогаш со мнозинство гласови (Вангеловски, Стојковска и Ристо Катавеновски) можат да донесат одлука независно од ставот на двајцата членови Албанци: Шпенд Деваја и Џемаили Саити.

Владата не дава податок во одлуката на чиј предлог е ставена Рахилка Стојковска во Комисијата што ќе ја реформира УБК, дали на предлог на Врховниот суд или по наоѓање на членови на Владата. Доколку Стојковска е предложена од Јово Вангеловски, Владата требало сериозно да ја погледне нејзината биографија и да најде „стручност“ за нејзиното членство.

Во ситуација кога Јово Вангеловски дава дозволи за следење на комуникациите, за дела против државата и уставниот поредок, Стојковска е уште една инсталација која Владата несебично прифатила да ја инсталира во системот, пишува Сведок.

Извор:Сведок