Свeтска банка прогнозира најслаб економски раст за Македонија за 2017 и 2018

Светска банка го објави најновиот извештај за економскиот раст во земјите од Балканот. Според овој извештај за 2017 година за Македонија се предвидува наслаб економски раст од 2,8 насто, додека сите други земји од регионот имаат раст над 3,0 проценти, И 2018 не е многу охрабрувачка за нашата земја, а е предвиден раст од 3,3 насто.

Земјите од Западниот Балкан растат со побрз чекор отколку во 2015 година, со тоа што регионалниот раст е предвиден на 2,8 проценти во 2016 година односно 3,2 проценти во 2017 година, според најновиот Редовен економски извештај на Светската банка за Западен Балкан . Забрзаниот раст во Албанија и Србија го надомести послабото ширење во Црна Гора и Република Македонија, додека пак иако растот во Косово забави во 2016 година, сепак оваа економија и понатаму забележува најбрз раст-се вели во извештајот на СБ.

Табела 1.1. Позитивни изгледи за раст
(Раст на реалниот БДП, проценти)

2015 2016о 2017п 2018п
Албанија 2.6 3.2 3.5 3.5
Босна и Херцеговина 3.0 2.8 3.2 3.7
Косово 4.1 3.6 3.9 4.2
Република Македонија 3.8 2.4 2.8 3.3
Црна Гора 3.4 2.1 3.3 3.0
Србија 0.8 2.8 3.0 3.5
Западен Балкан 2.2 2.8 3.2 3.6
Извори: Податоци од народните банки и државните заводи за статистика, проценки и проекции на Светска банка.

 

Повеќето нови работни места и ниските цени придонесуваат за намалувањето на сиромаштијата во регионот, со тоа што просечните стапки на сиромаштија се намалија за скоро два процентни поени во Албанија, Македонија, Црна Гора и Србија во 2016 година, што заедно со други придобивки придонесе за извлекување на околу 240.000 луѓе од сиромаштијата во изминатите три години.

Закрепнувањето на растот во Западниот Балкан забрза во 2016 година, со охрабрувачки намалувања на невработеноста и сиромаштијата“, изјави Елен Голдстин, регинооален директор на Светска банка за Западен Балкан.  „Растот и вработеноста се зголемија, особено во земји кои остварија значителен напредок во намалувањето на фискалните дефицити, справувајќи се со наследството на голема и неефективна држава и подобрувајќи го опкружувањето за домашни странски инвестиции.“

И покрај ваквиот напредок, пазарот на трудот и понатаму претставува предизвик во земјите од Западен Балкан, со тоа што стапката на невработеност се движи околу 22 проценти во 2016 година.

Одржливите реформи беа делотворни во однос на привлекувањето на приватни инвестиции, стабилизирање на јавниот долг и зголемување на приходите на домаќинствата. Растот, како и надворешниот и фискалниот биланс на земјите кои ги одржаа реформите исто така се подобрени, со што се зајакна нивната отпорност на можни економски потреси.

Забележавме подобрување на фискалните биланси ширум регионот на Западен Балкан. Дел од земјите го остварија ова истовремено штитејќи односно зголемувајќи ги инвестициските трошења, што пак ќе придонесе за одржување односно забрзување на растот во иднина“, велат Екатерина Вострокнутова и Марко Хернандез, водечки економски и коавтори на извештајоѕ. „Други пак земји, ги намалија своите дефицити со намалување на инвестициите, иако ги зголемија платите, пензиите, трансферите и субвенциите.  Ова неповолно ќе влијае на идниот раст.“

Според извештајот, за одржувањето на растот во земјите од Западен Балкан и справувањето со тековните предизвици поврзани со невработеноста, земјите треба да продолжат по патот на реформите. Поконкретно, потребни се понатамошна фискална консолидација и структурни реформи во сите шест земји за да се подобри ефикасноста на јавните сектори и да се зголеми конкурентноста на нивните економии со цел да се унапреди развојот на приватниот сектор. Во извештајот се нагласува дека реформите треба да се фокусираат на областите на пазарите на трудот, деловното опкружување, ефикасноста на јавниот сектор и глобалната интеграција, но истовремено и да се осигури одржливата употреба на енергијата и природните ресурси.