СДСМ го обвини Бакрачевски дека направил панаѓур на кичот во Охрид

Хаос,неред,метеж и дезорганизаци, тоа е сликата на Охрид сред летната туристичка сезона,обвини локалната организација на СДСМ. Тие го обвинија градоначалникот Бакрачевски дека не донел ниту летен сообраќаен режим во стариот дел на градот.

-Бакрачески, кога ја презеде власта во Охрид, ветуваше дека од градот ќе направи претознатливо монденско место. Денес, четири години подоцна, локалната власт предводена од Бакрачески, е заинтересирана само за продажба на општински парцели по багателна цена, додека во Охрид се случува хаос и неорганизираност. Наместо град на културата, Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ го претворија Охрид во панаѓур на кичот и гласната музика од која до раните утрински часови без сон остануваат и охриѓани и туристите. Охрид и граѓаните не заслужуваат ваква локална власт која мисли само на сопствените интереси додека градот се гуши во смет и сообраќаен метеж, реагираат од СДСМ.

На овинувањата реагираа од Општина Охрид, кои ги нарекоа “паушални, неточни и непроверени информации”.

-Веројатно многу е посилна потребата да се прикрие сопствената немоќ за преземање на централната власт,  а со тоа и преземање на одговорноста пред граѓаните, што мораат вака преку брзоплети соопштенија да се обидуваат да ја дефокусираат јавноста. Охриѓани знаат дека познавањето на законите и ингеренциите им се слаба страна но овој пат се надминаа себе си: ги критикуваат состојбите на сообраќајот кои се директна и единствена надлежност на СВР Охрид, сега предводен од кадри на СДСМ. Сообраќајниот режим е доставен до СВР Охрид која е единствена надлежна институција да се грижи и да ги санкционира сите оние кои истиот го прекршуваат,се наведува во соопштението.